
Македонскиот футсал шампион Проект беше на само еден чекор од голема европска победа, но на крајот одигра 3:3 против словенечкиот шампион Врхника во второто коло од претквалификациската група А во Лигата на шампионите.
Во Bluebox Arena во Грац, Проект одигра фантастичен натпревар и покажа дека има квалитет да се носи со шампиони од европски рамки. Македонскиот тим имаше свои моменти, создаваше шанси и во завршницата успеа целосно да го сврти резултатот во своја корист, но победата сепак изостана.
- Лош старт, но одлична реакција на Проект
Врхника поведе во 5:22 минута преку Ремс, по грешка во македонската одбрана, но Проект не се предаде и во 10:34 минута стигна до израмнување преку Благојевски.
Во завршницата на првото полувреме повторно следуваше тежок период за македонскиот шампион. Врхника во 19:50 минута доби пенал, кој Ремс го реализираше за 2:1.

Проект, пак, имаше огромна можност да се врати во игра уште пред паузата, но Благојевски не реализираше удар од десет метри во 19. минута.
Првиот дел повторно донесе и ситуации кои предизвикаа незадоволство по вчерашните реакции на судењето, и денеска имаше сериозни забелешки на одредени одлуки во клучни моменти. Сепак, тимот покажа карактер и не дозволи тоа да го наруши фокусот.
Во вториот дел македонскиот шампион покажа зошто во домашното првенство стигна до двојната круна.
Проект продолжи да притиска, создаваше шанси и во само 54 секунди направи фантастичен пресврт.
Прво Стојанов во 33:02 минута погоди за 2:2, а само 54 секунди подоцна Крстевски во 33:56 минута донесе целосен пресврт – 3:2 за Проект!
Македонскиот шампион беше на чекор од голема победа и имаше резултат кој го носеше кон првите три бода на европската сцена.
Сепак, Врхника успеа да се спаси во самиот финиш. Берзелак во 38:43 минута го постигна голот за конечни 3:3.
Статистиката покажува натпревар со многу можности на двете страни.
Проект упати 38 обиди, од кои 12 во рамките на голот, девет беа блокирани, а три завршија во стативата.
Врхника имаше 47 обиди, 14 во рамките на голот, 11 блокирани и исто така три удари во стативата.
Македонскиот шампион изведе седум корнери, наспроти осумте на Врхника, а имаше и три асистенции, додека словенечкиот тим немаше ниту една.

По вчерашниот пораз од Грац, Проект денеска покажа комплетно поинакво лице и одигра фантастичен натпревар.
Македонскиот шампион двапати се враќаше од негатива, во второто полувреме направи пресврт од 1:2 до 3:2 и беше на само неколку минути од победа.
На крајот – 3:3, но со впечаток дека Проект можеше да стигне и до цел плен.
Сега следува последниот натпревар во групата А за македонскиот шампион.
🇮🇱 Макаби Нетанја – Проект 🇲🇰
📅 29 август
🕠 17:30 часот
Европска победа Проект ќе бара в сабота на мечот против израелскиот шампион.