Шкендија продолжува со перфектен учинок во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига. Тетовци во дербито од четвртото коло ја совладаа Струга Трим Лум со 2-1 и со четири победи од исто толку натпревари останаа единствениот тим со максимален број бодови.
Натпреварот на „Петар Милошевски“ во Скопје донесе борба и неизвесност до самиот крај. Шкендија прва го пронајде патот до мрежата во 29. минута, кога Албин Зејнулаи испрати одлично нафрлување, а Фахд Нзенгуе со глава погоди за 1-0.
Напаѓачот на тетовци можеше многу брзо да постигне и втор погодок, но неговата реализација во 35. минута беше поништена поради офсајд, што беше потврдено и по ВАР проверката.
Струга во вториот дел заигра поагресивно и успеа да го израмни резултатот. Во 58. минута, по прекршокот на Флорент Рамадани над Буњамин Шабани, главниот судија по интервенција од ВАР покажа на белата точка. Христијан Малески ја презеде одговорноста и со силен удар реализираше за 1-1.
По израмнувањето, Шкендија постепено го зголеми притисокот и почна повторно да ја контролира играта. Во завршницата тетовци добија нова можност од пенал, откако Арби Воша го фаулираше Нзенгуе во шеснаесетникот. И овојпат следуваше ВАР проверка, по која беше потврдена најстрогата казна.
Одговорноста ја презеде Бесарт Ибраими, кој во 86. минута беше сигурен од белата точка за 2-1.
Струга во преостанатите минути се обиде да стигне до ново израмнување, но Шкендија успеа да го сочува водството и да стигне до голема победа.
По четири кола, Шкендија има 12 бода од можни 12, додека Струга останува на седум бодови и го претрпе првиот пораз во сезоната.