Ракометарите на Охрид се пласираа во големото финале на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако во спектакуларен и драматичен натпревар одиграа 30-30 против Загреб.
На домаќинот му беше потребен најмалку бод за да го освои првото место во групата, но до него стигна на најтешкиот можен начин. Загреб во текот на средбата имаше контрола врз резултатот, а во второто полувреме во еден момент стигна и до предност од пет гола.
Охриѓани, сепак, не се предадоа. По негативата од 20-25, избраниците на Борис Ројевиќ постепено ја топеа разликата и влегоа во неизвесна завршница. Загреб во последните десет минути имаше предност од 28-24, но домашниот состав со огромна борбеност успеа да се врати во мечот.
Клучната улога во финишот ја имаше голманот Дино Славиќ. Тој во неколку наврати го запре нападот на хрватскиот шампион, вклучително и во моментите кога Загреб можеше да стави точка на натпреварот. Славиќ заврши со 13 одбрани, од кои девет во второто полувреме.

При резултат 30-29 за Загреб, Охрид доби уште еден напад за израмнување. По тајм-аутот на Ројевиќ, Дарко Ѓукиќ ја презеде одговорноста и погоди за 30-30.
На Загреб му останаа само шест секунди за последен напад, но гостите не успеаја да создадат шанса за победнички погодок. Така, бодот му припадна на Охрид, кој со подобрата гол-разлика го освои првото место во групата.
Во финалето „гладијаторите“ ги очекува македонскиот шампион Вардар, кој претходно го обезбеди првото место во другата група. Охрид ќе има можност да го одбрани трофејот освоен на минатогодишното издание и да стане првата екипа која двапати по ред ќе го освои турнирот.
За третото место ќе играат Загреб и Тримо Требње.