ФК Росоман влегува во нова фаза од своето функционирање, откако клубот доби ново раководство со јасна визија за понатамошен развој, подобри услови за фудбалерите и враќање на публиката на трибините.
За нов претседател на клубот е избран Душко Кареов, додека новото раководство го сочинуваат Адријан Филипов, кој ќе ја извршува функцијата секретар, Веле Темелков, Стефан Јованов како спортски директор, Душко Димитров како тренер на голмани, како и Златко Миладиновски, Ангел Камчев и Ристе Ристевски, кои ќе бидат дел од управата.
Новата управа најавува посветена работа и подобра организација со цел ФК Росоман да продолжи да се развива во стабилен и добро организиран клуб. Во фокусот ќе биде создавањето подобри услови за фудбалерите, поголемо вложување во младинските категории и повторно враќање на фудбалската публика на трибините.
„Заедно продолжуваме за силен и стабилен ФК Росоман 83! Нашата цел е да создадеме подобри услови за фудбалерите, да вложуваме во младите категории и да ја вратиме публиката на трибините. Напред ФК Росоман 83! За успешна сезона и многу нови победи!“, порачаа од клубот.
Росоман во новата сезона ќе се натпреварува во Трета лига – Регион 4, но клубот има и богата историја во повисок ранг, со настапи во Втората македонска лига – Исток. Токму враќањето на клубот кон постабилни и посериозни фудбалски структури е една од целите на новото раководство.
(ФОТО) Росоман има терен за пример: Зелен „тепих“ и одлични услови за фудбал
Дополнителен мотив за новиот почеток е и фактот што фудбалскиот терен во Росоман, како што веќе објави Спортска Мрежа, изгледа фантастично.