Војдан Стојановски стана првиот кошаркар во историјата на Македонија со 100 настапи во националниот дрес, но големиот момент го засени поразот од Кипар (75:85).
На полувремето од натпреварот, Војдан доби специјален подарок, кој му го врачи поранешниот селектор Марин Докузовски, како признание за неговиот долгогодишен придонес во националниот тим.
„Кога ми го дадоа дресот, не ми се веруваше дека пред 19 години дебитирав во репрезентацијата. Кога ќе се вратам наназад, многу години поминаа, и најдобрите и најлошите години, кога сме играле претпретквалификации, но секогаш сум тука кога треба да помогнам за Македонија и тоа не се споредува со ништо. Тука сум ако ѝ требам на репрезентацијата“, изјави Стојановски по натпреварот.
Капитенот, сепак, не го одвои личниот јубилеј од разочарувањето поради резултатот. Напротив, беше директен во оценката за играта на нашиот национален тим, повикувајќи на одговорност и промена на пристапот.
„Не игравме како што треба вечерва. Треба да си ја прифатиме одговорноста дека бевме лоши и наше е да ја вратиме победата кај нив. Но, со ваква игра нема да победиме, мора да го промениме пристапот“, порача капитенот.
Сто настапи, деветнаесет години во националниот тим и безброј моменти во македонскиот дрес. Јубилеј што останува запишан во историјата на македонската кошарка, без оглед на резултатот.
А пораката на Војдан по натпреварот е јасна: одговорноста е заедничка, а промената мора да почне веднаш.