Македонскиот шампион ЖФК Скопје го засили својот стручен штаб со младиот тренер Теодора Димитровска, која во новата сезона ќе биде прв асистент на шефот на стручниот штаб Илија Мандаров, а воедно ќе има значајна улога и во развојот на младинските категории на клубот.
Димитровска, која има 28 години и е од Битола, во ЖФК Скопје пристигнува по успешно искуство во редовите на Вардар. Таа две сезони го предводеше вардаровиот состав во Втората женска фудбалска лига, а минатата сезона ги водеше „црвено-црните“ и во Првата женска фудбалска лига. По разделбата со Вардар, својата тренерска кариера ја продолжува во најтрофејниот македонски женски клуб.
Во ЖФК Скопје, покрај функцијата помошник-тренер на Илија Мандаров, Димитровска ќе биде активно вклучена и во работата со младите категории, со посебен акцент на развојот и создавањето на нови фудбалски таленти кои во иднина ќе бидат носители на играта во сениорскиот тим.
Од друга страна, шефот на стручниот штаб Илија Мандаров ќе продолжи да ја спроведува стратегијата на клубот, која е насочена кон препознавање и развој на најталентираните македонски фудбалерки. Целта е ЖФК Скопје и понатаму да биде средина во која ќе се создаваат нови квалитетни играчи, кои нема да бидат значајни само за клубот, туку и за македонската женска репрезентација.
Токму ЖФК Скопје со години претставува база од која излегуваат голем број репрезентативки, а со ангажманот на Теодора Димитровска клубот дополнително го потврдува курсот кон вложување во домашниот тренерски кадар и системската работа со младите категории.
Со новиот ангажман, Димитровска добива можност да биде дел од шампионски проект со високи амбиции на домашната и меѓународната сцена, а истовремено да придонесе во создавањето на нова генерација македонски фудбалерки.