Македонската репрезентативка во таеквондо, Душица Бресалиева од ТК Штип, оствари извонреден успех на меѓународниот турнир „Грција Опен Е1 2026“, освојувајќи го златниот медал во јуниорска конкуренција до 55 килограми.
Брсалиева имаше перфектен настап, забележувајќи четири победи во четири борби, без да загуби ниту една рунда. На патот до златото, македонската натпреварувачка ги совлада домашните претставнички.
Во осминафиналето славеше со 2:0 против Талеија Варсоу, во четвртфиналето беше подобра од Константина Алексио со идентичен резултат, додека во полуфиналето ја совлада Ефтихија Дермани, исто така со 2:0.
Бресалиева го потврди одличниот настап и во финалето, каде со 2:0 ја победи Ифигенеа Коумуди и заслужено се искачи на највисокото место на победничкиот подиум.
Овој резултат претставува голем успех за младата македонска репрезентативка и уште една потврда за квалитетот на таеквондото во Македонија.