Струга Трим Лум продолжува да инвестира во младите таленти, а најнов доказ за тоа е дебито на Агон Демири за сениорскиот тим. Младиот фудбалер на само 16 години и шест дена го запиша својот прв настап за првиот тим на стружани и со тоа стана еден од најмладите дебитанти во историјата на клубот.
Демири својата шанса ја доби на пријателскиот натпревар против второлигашот Охрид, кој Струга Трим Лум го доби со 3-1. Талентираниот фудбалер во игра влезе во второто полувреме и остави позитивен впечаток, а неговиот настап претставува важен чекор во неговиот развој.
Од клубот истакнуваат дека датумот 1 август долго ќе остане во сеќавање на младиот Демири, кој успешно го направи преминот кон сениорскиот фудбал. Иако адолесцентскиот период е исполнет со бројни предизвици, во Струга веруваат дека тој поседува редок талент и квалитет што треба внимателно да се развива.
Токму поради тоа, по барање на шефот на стручниот штаб Бледи Шкемби, Демири и во наредниот период ќе продолжи да тренира со првиот тим. Во стружанскиот клуб веруваат дека пред него е светла иднина и дека со напорна работа може да прерасне во еден од носителите на играта во годините што следуваат.