Македонската машка сениорска одбојкарска репрезентација наскоро ќе ги започне подготовките за својот четврти последователен настап на Европското првенство, а селекторот Јошко Миленкоски го објави поширокиот список од 18 одбојкари.
Во изборот нема поголеми промени, бидејќи Миленкоски повторно се потпира на искусните репрезентативци кои во изминатите години беа носители на играта. Во споредба со составот кој настапи во Европската лига 2026, на списокот не се најдоа средниот блокер Митко Спасов, кој ќе биде дел од репрезентацијата до 20 години на Зонските квалификации за Европското првенство 2027, како и либерото Ване Арапов.
Првиот собир на националниот тим е закажан за 5 август во хотелот „Монтана“ во Крушево, каде што ќе биде одработен првиот дел од подготовките за ЕвроВолеј 2026.

Европското првенство ќе се одржи од 9 до 26 септември во Италија, Бугарија, Романија и Финска.
Македонија ќе настапува во групата Б во Софија, а првиот натпревар ќе го одигра на 9 септември против домаќинот Бугарија. Во групната фаза избраниците на Миленкоски ќе ги одмерат силите и со Полска, Украина, Португалија и Израел.