Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер 2 продолжува со екипирањето на составот за новата сезона, а во своите редови ги доведе Божидар Илиески и Кристијан Симоноски.
Најново засилување на тимот предводен од Ангеловски е средниот бек Божидар Илиески, кој во досегашната кариера настапуваше за Прилеп и Алкалоид. Во битолскиот клуб веруваат дека станува збор за ракометар со голем потенцијал, кој во иднина би можел да се избори и за место во првиот тим на Еурофарм Пелистер.
Нов член на Еурофарм Пелистер 2 е и македонскиот репрезентативен пикер Кристијан Симоноски. Тој во својата кариера ги бранеше боите на КЛ7 Струга и Алкалоид, а во Битола пристигнува со јасна цел – преку добри настапи да се наметне и во иднина да стане дел од првиот состав на актуелниот македонски шампион.
Со ангажманот на Илиески и Симоноски, Еурофарм Пелистер 2 продолжува да гради конкурентен тим составен од млади и перспективни македонски ракометари, кои треба да претставуваат иднината на клубот и важен дел од развојниот систем на битолскиот ракометен колектив.