Александар Стојанов е 41-годишен македонски фудбалски стратег и еден од тренерите кои ја поседуваат највисоката тренерска лиценца – УЕФА Про. Во својата кариера беше шеф на стручниот штаб на Беласица, член на стручниот штаб на АП Брера Струмица, а работеше и како координатор на младинските школи на Беласица и АП Брера Струмица.
Во интервју за Спортска Мрежа, Стојанов зборува за реформите во македонскиот фудбал, очекувањата од Првата и Втората лига, настапите на македонските клубови во Европа, развојот на младите фудбалери, тренерската професија и сопствената фудбалска филозофија.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) направи реформи со намалување на бројот на клубови во Првата и Втората лига. Како ја оценувате оваа одлука?
„Секако дека ова е добар чекор од страна на ФФМ со скратувањето на лигите, само мислам дека ќе треба да бидеме стрпливи и исчекаме за да после извесен период го видиме и бенефитот од сето тоа, но оние екипи кои поседуваат најмногу квалитет и кои вложуваат најмногу во годините кои претстојат секако ќе се иселектираат и ќе останат потоа само оние најсериозните за да и гледаме поквалитетен македонски фудбал“, вели Стојанов.
- Кои клубови според Вас ќе ја водат главната битка во новата прволигашка сезона?
„Па секако дека оние екипи кои располагаат со најголеми буџети и со најдолги ростери уште од стартот ќе ги искажат своите амбиции и ќе бидат најконстантни, тоа кај нас моментално се 3-4 тимови, а останатите ќе водат мртва трка до самиот крај за избегнување на тие места кој водат кон понизок ранг“, раскажува стратегот од Струмица.
- Вардар, Шкендија и Силекс повторно ќе ја претставуваат Македонија во Европа. Дали тоа ќе влијае на нивните настапи во домашното првенство?
„Екипите кои оваа лето ќе не претставуваат во Европа како Вардар, Силекс, Шкендија мислам дека и во новата сезона ќе бидат оние главните претенденти за највисок пласман плус една или две екипи од втор план, и не мислам дека ќе им претставува некаков притисок тоа затоа што по ростерот на играчи со кои располагаат и буџетите се најсериозни и најконстантни екипи во нашата лига“, смета поранешниот стратег на Беласица.

- Дали македонскиот фудбал доволно им дава шанса на младите играчи?
„Пред околу една деценија и повеќе во нашата прва лига дебитираа играчи со 16-16.5 години и веќе за неполна година стануваа и носители или од нив зависеше играта на тимовите, и шансата која ја добиваа беше заслужена и многу брзо после тоа правеа и интернационални трансфери , но низ годините овие граници се поместија и сето тоа се промени, и сепак мислам дека во моментот многу малку играчи можат да бидат носители на оваа возраст.
Според мене ова е огромно прашање кое треба да не засегне сите кои работиме во фудбалот, да се позанимаваме со оваа проблематика за да ги донесеме нашите играчи како би биле поконкурентни и поблиску до она што се бара ако не повеќе ама за почеток барем до оние земји кои се после топ 5 лигите во Европа.“
- Какви се Вашите очекувања од настапите на македонските претставници во европските купови?
„Па дај Боже да поминат сите 3 екипи но да бидеме реални ќе ни биде тешко, мислам дека освен Силекс кој можеби беше и најактивен на трансфер пазарот оваа лето Вардар и Шкендија и не се засилија премногу и мислам дека повеќе ќе се потпрат на тимовите со кои ја завршија сезоната, но сепак најголеми шанси да помине во второ коло има Шкендија затоа што игра со тотален аутсајдер во однос на Вардар и Силекс кои ќе се соочат со сериозни противници кои имаат и искуство од играње и во групните фази на европските натпреварувања“, вака размислува Стојанов.

- Втората лига следната сезона ќе биде значително поквалитетна. Какво е Вашето мислење?
„Втората лига оваа сезона според имињата кои ја сочинуваат мислам дека треба да биде доста по интересна во споредба со претходната затоа што во сезоната која помина имаше уште од стартот 4 екипи кои уште не почнато првенството веќе беа испаднати. Но сепак за да ни се потврдат предвидувањата и втората лига ни ги оправда очекувањата а и за тоа каква ќе биде лигата многу ќе зависи од тоа дали екипите кои беа прволигаши и оние кои според имињата значат нешто ќе бидат мотивирани да направат респектабилни тимови, или како што е наназад веќе практика голем дел од нив ќе состават тимови колку само да учествуваат во лигата“, раскажува Стојанов.
- Новиот систем за пласман во Првата лига ќе донесе поголема конкуренција?
„Секако дека промената на системот кој што го најавивте и вие во кој директно влегуваат два тима и еден игра бараж доволно кажува дека треба да имаме по мотивирани тимови и повеќе претенденти за највисок пласман, но пак ќе напоменам ангажирањето на професионални тренери, професионален стручен кадар, градење на квалитетен ростер многу ќе зависи од буџетите со кои ќе располагаат тимовите и поставените цели на самите инвеститори, со еден збор можеби и време е во втората лига да се промени размислувањето и пристапот од сите за да самата лига добие на тежина а со тоа стане и повозбудлива и попривлечна за сите“, вели Стојанов.
- Како гледате на укинувањето на баражот за второлигашите?
„Мислам дека тоа е правилен чекор, оние што не заслужиле низ целата сезона втора лига не ни заслужуваат да им се дава дополнителна шанса преку бараж да останат, а така ќе им се укаже шанса на екипите кои се најорганизирани и поседуваат најголем квалитет во третите лиги на полесен начин да стигнат до второлигашкото друштво а тоа за неколку години ќе значи и селектирање на најсериозните.“

- Неодамна ја стекнавте УЕФА Про лиценцата. Колку беше тежок патот до највисокото тренерско признание?
„Па да, јас сум од претпоследната генерација или една од поновите генерации носители на УЕФА ПРО ДИПЛОМА, процес кој секако бараше и ја опфати едукацијата на најновите и најсовремени фудбалски барања и трендови, патот не би кажал дека беше лесен но доколку бидете целосно посветен, фокусиран и ја пратите и разбирате секојдневната евалуација на фудбалот отворен ви е патот да се соочите со секој предизвик па и стекнувањето на ПРО ДИПЛОМАТА која не треба да претставува крај од едукација во фудбалот“, ни раскажува Стојанов.
- Што е потребно за македонскиот клупски фудбал да направи вистински исчекор?
„Веднаш би кажал дека е премногу тешко, сепак фудбалот е процес а за да нешто постигнеме ни треба време, трпеливост и пред се финансии кои се наша најболна тема. Сепак главните темели треба да ни се базираат на младинските школи и црпењето сопствен кадар од таму, како и трпеливоста кон тие играчи кога ќе дојдат во сениорските тимови, но многу ретко кај нас куќата ја градиме од темел па така голем дел од клубовите поради немањето клупска стратегија уште веднаш бараат резултати или профит преку ноќ, а со тоа само создавање на лажни и инстант резултати кои немаат иднина и континуитет. Поради таа цел многу малку се има трпеливост кон тренерите кои градат сопствена филозофија и идентитет и се вклучени во развивањето на играчите, затоа што сепак тој процес бара одредено време и трпеливост а кај нас многу малку гледаме на подолги патеки, и во една полусезона може да се сменат и по два-три тренери. Во овие се почести случаеви мислам и дека тренерите не се доволно заштитени и мора во иднина да се изнајде модул како најпрво би ги заштитиле професионалните тренери или оние кои единствено егзистираат од фудбалот без разлика дали работат во прва или втора лига.“
Беласица две сезони под водство на Стојанов ствараше идентитет и беше екипа за респект, со релативно млад состав, каде во првиот дел од сезоната беше совладан новиот прволигаш Скопје во Струмица, во меч кој беше повеќе од атрактивен и со допадлив фудбал под рефлектори.
- Каква е Вашата тренерска филозофија?
„Секако дека имам сопствена филозофија, која е заснована на препознатлив стил на игра која јасно може да се види и од минатата сезона додека ја предводев Беласица, стил кој беше структуриран со одредени цели како во одбрана така и напад. Стилот на игра се гради главно од тоа со каков квалитет на играчи располагаме, но преку тренажниот процес се наметнува и преферира офанзивен стил на фудбал во висок интензитет, каде структурата на нападите е главно преку постепен и прогресивен посед на топка и одредени ротации од страна на играчите во одредени зони и делови од теренот каде што се упатува топката. Одредени принципи се имплементираат со играчи кои располагаат со специфични карактеристики и можеби во тие ситуации важна е и возрасната граница, но за целосно стварање и постигање на резултати не постојат возрасни категории на играчи туку во фудбалот постојат само добри и лоши играчи. Систем главно префериран од моја страна е 1-4-2-3-1 затоа што според мене претставува најфлексибилен, а и во текот на еден натпревар мислам дека може да претрпи и најмногу промени. Секако дека низ тренажниот процес се работат и алтернативни системи кои на играчите им претставува и дополнителна опција.“

- Кои се Вашите планови за понатаму?
„Во моментот сум без ангажман, секако дека главна цел на секој тренер што се бави професионално со фудбалот е и излез во странство но некогаш работите и не излегуваат како што ние посакуваме, сепак мораме да бидеме реални дека доаѓаме од мала земја која не е некоја сила во европскиот фудбал и поради тоа коефициентот на нашиот фудбал е помал и затоа патот на македонските тренери за излез во странство за жал е многу тежок. Но и понатаму ќе продолжам да ги пратам новите фудбалски трендови и се надевам дека во блиска иднина ќе дојде правилниот предизвик за мене дали домашен или од странство“, завршува Стојанов во ексклузивното интервју за Спортска Мрежа.