По неколкумесечна пауза од клупски ангажман, грузискиот интернационалец Теимураз Орјоникидзе повторно ќе настапува во романскиот шампионат. Искусниот лев бек потпиша за прволигашот Потаиса Турда, каде што ќе ја продолжи својата богата интернационална кариера.
Орјоникидзе беше дел од Охрид две и пол сезони, но соработката меѓу двете страни заврши во текот на зимскиот дел од сезоната. Претходно во Македонија ги носеше и дресовите на Еурофарм Пелистер и Прилеп.
Орјоникидзе не ја криеше возбудата по потписот, истакнувајќи дека токму неговиот сонародник Иракли Кбилашвили имал голема улога во одлуката да ја прифати понудата.
„Слушнав многу убави работи за клубот од Иракли Кбилашвили и навистина сум среќен што доаѓам во Турда. Знам дека градот има богата историја, а клубот со години е меѓу најдобрите во Романија. Потенцијалот е огромен и мојата цел е тука да освојувам медали и трофеи. Играв против Потаиса и добро знам колку е тешко да се гостува во арената. Ги повикувам навивачите да доаѓаат во што поголем број и заедно да славиме многу победи”- изјави поранешниот член на Охрид.
Ова нема да биде негово прво искуство во романското првенство, бидејќи претходно настапуваше и за Решица. Во кариерата играше уште за унгарски Ференцварош и Орошази, како и за фински Кокс.
Во новата средина ќе има познато лице, бидејќи дресот на Потаиса Турда веќе го носи неговиот сонародник Иракли Кбилашвили, поранешен ракометар на Металург.
Орјоникидзе е стандарден грузиски репрезентативец во националниот тим и учесник на неколку големи меѓународни натпреварувања.