Новиот циклус за пласман на едно континентално натпреварување, кое од оваа година е дел од Европската лига, женскиот национален тим на Македонија го започна негативно – со шест порази во исто толку одиграни натпревари.
По ланскиот одличен настап на дамите во Сребрената Европска лига, оваа година три фактори беа клучни за поскромното издание – промена на стручниот штаб, подмладување на репрезентацијата и, можеби најважно, значително посилните противници со кои се соочуваше нашата селекција.
Лани резултатите беа причина за задоволство, но годинава реалноста е поинаква. Македонија играше против репрезентации кои се далеку повисоко рангирани на европската сцена и имаат поголемо искуство и традиција. Унгарија се наоѓа на 12. место на ЦЕВ ранг-листата, Словенија е 13., Шпанија 16., Хрватска 22., Португалија 26., а Азербејџан 28. позиција.
Во ваква конкуренција, покрај резултатот, важно е и стекнувањето искуство за помладите одбојкарки кои добија шанса да се наметнат во националниот тим. Селекторот и стручниот штаб имаа можност да видат на кои сегменти треба дополнително да се работи во пресрет на следните предизвици и квалификациски циклуси.
Иако резултатите не беа на посакуваното ниво, настапите против силни европски селекции можат да бидат значајна лекција за иднината. Со повеќе време за работа, подобра воиграност и дополнително искуство, се очекува оваа млада генерација постепено да го подигнува нивото на игра и да биде поконкурентна во наредните натпревари.
„Стартувавме негативно, со шест порази во исто толку натпревари и без освоен сет, и само против некои екипи се носевме до половина од сетовите – нормално дека никој не е задоволен! Малку сум разочаран затоа што не успеавме да го спроведеме на натпреварите она што го работевме на тренинзите. Жалам и им замерувам за тоа на одбојкарките што не го дадоа максимумот, кој јас мислам дека го имаат. Ни недостасуваше повеќе борба и желба, енергија за да парираме повеќе, а тоа може ќе ни донесеше и поен, три, пет повеќе“, вели селекторот Милош Гавриловиќ.
Селекторот потенцираше на две работи – квалитетот на противниците и нивниот пристап.
„Мора да разбереме дека од ова издание во Европска лига во игра се многу сериозни и квалитетни противници, поради квалификациската тежина која ја носи натпреварувањето, а и ние немавме среќа да се соочиме со некој ривал од наш ранг. Реалната слика ја видовме и во Португалија и Шпанија дека не сме на нивото за оваа лига, а и игравме со селекции чии одбојкарки настапуваат во петте најсилни лиги во светот и шансите да направиме нешто повеќе беа нереални. Мислам дека во некои натпревари влегувавме со страв кога ќе видиме кој противник е од другата страна и тоа не дозволуваше да играме максимално, да се бориме и вистински да оставиме срце на терен. Истовремено мислам дека извлековме и поука, дека ни е потребна промена на менталитетот, на пристапот… дека и самите девојки видоа дека е потребно да работат повеќе на себе. Голем дел од нив дојдоа неподготвени на собир на репрезентација, што не смее да се случи. Екипата има потенцијал и може и многу повеќе и многу подобро, но за тоа е потребно време. Видовме и добри и лоши работи. Добрите се дека треба многу на научиме, да тргнеме сами од себе и дека одбојката е спорт кој бара многу работа и пред да се дојде на собир во репрезентацијата.“ – вели Гавриловиќ.
Одбојкарките ќе имаат еден месец одмор. На 27 јули во Скопје е закажан стартот на подготовките за настапот на Медитеранските игри во Таранто, Италија.
„До 27 јули за кога е предвиден следниот собир ќе имам доволно време за анализи и промени сигурно дека ќе има. Немаме многу време за сериозни ротации, но ќе мора и играчки и ментално да смениме некои работи. Потребно ни е време, верба и работа за да може да почнеме да функционираме и да парираме заедно како екипа. Треба да се работи на сите елементи во иднина, но се надевам дека до напорна работа ќе дојдат и резултатите“, потенцира Гавриловиќ.
Селекторот на дамите побара трпение и верба во процесот што следи.
„Знам дека јавноста во Македонија не ги прифати добро овие резултати, но мислам дека и таа треба да сфати дека сме на почеток и дека реалноста е таква- другите екипи се многу поквалитетни од нас. Добро познат ми е балканскиот менталитет, но на оваа екипа и е потребна поддршка, трпение и верба. Не може секоја промена да донесе резултати преку ноќ! Го сфаќам моментот на самокритичност, но уште кога ја прифатив понудата за селектор потенцирав дека ми е предизвик да работам со млада и перспективна екипа и верувам во процесот и се надевам дека за брзо време ќе покажеме карактер и дека ќе задоволиме нечии очекувања“, завршува Гавриловиќ.