Домашниот шампионат полека влегува во самиот финиш, а денеска на програмата е 31. коло во Првата македонска фудбалска лига.
Лидерот ФК Вардар попладнево на Националната арена го пречекува Силекс и ќе има прва можност математички да ја обезбеди шампионската титула.
За тоа да се случи, на „црвено-црните“ им е потребна победа, но и кикс на Шкендија која во истиот термин од 16:00 часот на домашен терен ќе се соочи со Струга Трим Лум.
Постојат и други сценарија кои можат да му ја донесат титулата на Вардар уште денеска. Доколку скопскиот тим одигра нерешено, а Струга ТЛ слави во Тетово, тогаш и во таков расплет Вардар ќе стане нов шампион.
Сепак, во таборот на лидерот не сакаат премногу да се занимаваат со пресметки и комбинации. Фокусот на избраниците на Гоце Седлоски е насочен кон уште едно квалитетно издание и освојување на нови три бода. Дали тие ќе бидат доволни за титула уште овој викенд или шампионската трка ќе продолжи и во следните кола, останува да се види.
Вардар се наоѓа во одлична форма, со четири последователни победи во првенството и серија од шест натпревари без пораз. Во моментов има шест бодови предност пред Шкендија, но борбата за шампионскиот трофеј се уште не е целосно решена. Евентуален кикс денеска би можел дополнително да ја зголеми неизвесноста пред завршните две кола, кога Вардар најпрво ќе гостува кај Струга ТЛ, а потоа во последното коло ќе ја пречека Шкендија на домашен терен.