Македонската кошарка ќе има свој претставник во големото финале на АБА 2 лигата, откако ТФТ со максимални 2-0 во серијата ја елиминираше Сутјеска и испиша клупска историја.
По победата на гости, тимот од Тафталиџе беше сигурен и на домашен терен, славејќи со убедливи 90-77. Иако гостите најавуваа поинаков исход, на паркетот доминираше ТФТ, кој уште од стартот наметна силно темпо и брзо изгради двоцифрена предност.
Клучен беше одличниот прв дел во кој „црно-белите“ стигнаа до високи +16 (50-34), предводени од расположениот напад. И во продолжението ТФТ не дозволи пресврт, а секој обид на Сутјеска да се врати во игра беше одбиен со нови серии и сигурна игра во сите сегменти.
Најефикасен беше Дејвис со 23 поени и девет скока, додека Ташовски додаде 19 поени. Гордон и Говенс имаа по 17 поени и дадоа огромен придонес во контролата на натпреварот.
Во финалето ТФТ ќе се соочи со екипата на Широки, која исто така со 2-0 ја мина полуфиналната пречка. Првиот меч од финалната серија се игра на 29 април, а македонскиот тим и покрај тоа што повторно нема предност на домашен терен, ќе влезе со голема самодоверба и амбиција за нов подвиг – пласман во АБА лигата.