Еурофарм Пелистер продолжува со формирањето на конкурентен тим за наредната сезона, откако официјално го ангажираше словенечкиот среден бек Миха Котар.
27-годишниот ракометар стави потпис на двегодишен договор и ќе биде еден од клучните организатори на играта во битолскиот состав.
Котар доаѓа во Македонија од редовите на српскиот шампион Партизан, каде настапуваше во изминатите две сезони. Станува збор за ракометар роден во Требње, кој својата кариера ја започна во Тримо Требње, а подоцна се афирмираше во Словен Градец.
Со неговото доаѓање, Пелистер добива квалитет, искуство и сигурност на позицијата среден бек, која е клучна за организацијата на играта.
Од клубот најавуваат дека ова не е единственото засилување на оваа позиција, бидејќи во наредниот период се очекува да пристигне уште еден ракометар, со што ростерот ќе биде комплетиран за повисоки амбиции.
Официјалната презентација на Миха Котар пред јавноста е закажана за јули, на стартот на подготовките за сезоната 2026/27, кога се очекува да биде промовиран како едно од главните имиња во новиот проект на Еурофарм Пелистер.