Македонската ракометарка Ивана Џатевска ќе продолжи да настапува во унгарскиот шампионат, откако официјално го продолжи договорот со Сомбатхељи за сезоната 2026/27.
22-годишната пикерка и натаму ќе биде дел од тимот на СЗККА, каде што се етаблира како важен дел од составот. Во тековната сезона Џатевска има забележано 22 настапи и постигнато 37 голови, а покрај офанзивниот придонес, се истакнува и со стабилна игра во одбраната.
Од клубот потенцираат дека македонската интернационалка има значајна улога во екипата и очекуваат да продолжи со истото темпо и во наредната сезона, со цел да придонесе за нови успеси во елитното друштво.
По потпишувањето на новиот договор, Џатевска не го криеше задоволството:
„Многу сум среќна што го продолжив договорот со клубот. Во изминатите две години, оваа екипа стана како мој втор дом и чувствувам дека тука многу напредував и како играч и како личност.
Мојата цел е секојдневно да напредувам, на секој тренинг и натпревар да го давам максимумот и да му помогнам на тимот да достигне уште поголеми цели. Верувам во огромниот потенцијал што го имаме и со нетрпение очекувам да го продолжам овој пат заедно со соиграчките, тренерите и навивачите.
Благодарна сум на клубот за довербата што ми ја укажа и решена сум да ја оправдам со напорна работа, посветеност и силни настапи на теренот“, рече Џатевска по продолжување на договорот.
Со ова продолжување, Џатевска ја потврдува својата стабилност во странство и продолжува да биде значаен дел од македонскиот ракометен потенцијал на меѓународна сцена.