Македонската фудбалска репрезентација во тренинг центарот „Петар Милошевски“ продолжува со подготовките за гостувањето во Даблин, каде на 31 март ќе се соочи со селекцијата на Република Ирска.
Во пресрет на овој натпревар, селекторот Гоце Седлоски се соочува со неколку кадровски предизвици, додека одредени одлуки од дуелот со Данска предизвикаа и реакции кај дел од фудбалерите.
Клубовите Коњаспор и Далиан доставија барање за ослободување на Енис Барди и Исник Алими од репрезентативните обврски, но двајцата репрезентативци одлучија да останат со националниот тим и ќе бидат во комбинација за настап во Даблин.
За разлика од нив, Бојан Миовски, по договор со Глазгов Ренџерс и со негова согласност, ја напушти репрезентацијата и нема да конкурира за следниот натпревар.
Дополнителен удар за стручниот штаб е повредата на Јани Атанасов. По извршените медицински прегледи, утврдено е дека нема да може да настапи против Ирска.
Седлоски се осврна и на ситуацијата со Александар Трајковски и Бојан Миовски по мечот со Данска, нагласувајќи дека изборот на составот бил направен исклучиво според формата и тактичките потреби.
„Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден.
Слична беше ситуацијата и со Бојан Миовски, кој исто така не беше задоволен што не започна, но мора да се прифати дека во репрезентацијата има 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав“, изјави Седлоски.