Прволигашот Пелистер официјално го назначи Марјан Секуловски за нов шеф на стручниот штаб, кој ќе го предводи тимот во финишот од сезоната, во обид да се надмине кризата и да се исполнат клупските цели.
Од битолскиот клуб порачаа дека следниот период е клучен и повикаа на целосно обединување – сите структури во клубот, како и градот, да застанат зад тимот во последните девет натпревари од шампионатот.
Раководството решението за излез од резултатската криза го пронајде внатре во клубот, потпирајќи се на човек кој одлично ја познава средината. Секуловски важи за „дете на Пелистер“, со богато искуство како играч и тренер, а во кариерата работел во повеќе домашни и интернационални клубови, меѓу кои Победа, 11 Октомври, Новаци, Силекс, Македонија Ѓорче Петров и Брегалница, како и во Мјанмар, Малдиви и Бангладеш.
Во изминатите осум месеци Секуловски беше дел од клубот како координатор на младинската школа, а сега ја презема првата екипа во исклучително важен момент.
Новиот тренер ќе го одржи првиот тренинг во среда, додека своето деби на клупата ќе го има на 4 април, кога Пелистер ќе се соочи со актуелниот шампион Шкендија.
Пелистер на последните пет меча има три порази и две ремија и со 22 порази го дели десеттото место со Работнички. Битолчани имаат еден бод негатива од бараж зоната, а дури седум од седмата позиција која гарантира директен опстанок.