Екипата на СЕЕ Университи славеше над Фудбал Старс во Кочани во рамки на 11. коло на Втората футсал лига со резултат од 4:6 со што трите бодови одат на контото на тетовскиот тим кој сега избива на второто место кое го дели со Каршиака, а благодарение на триумфот на Кратово над Црна Река.
Дефинитивно се „разгорува“ битката за првите две позиции кои водат кон Првата македонска фудбалска лига.
Во првиот дел беа постигнати три гола за водство на тетовскиот тим од 1:2, а во вториот дел мрежите се тресеа почесто. За домаќинот два гола постигна Драган Трајчов, а по еден гол постигнаа Дејвид Иванов и Давид Тренчев, а пак за гостинот хет-трик забележа Исмет Цека, а по еден гол постигнаа Самир Рамадани, Гезим Азизи и Едис Муртезани.
Каршиака беше поубедлива на домашен терен совладувајќи го Овче Поле со 8:4 во Слупчане. Мечот се реши во вториот дел, откако во првото полувреме паднаа осум гола за 5:3 по првите 20 минути игра.
За екипата на Каршиака стрелци беа Џезаир Рамадани со два погодоци, а со по еден гол во победата учествуваа Нехат Емини, Енис Ибраими, Енис Мемеди, Фејзула Шабани, Бујамин Асани и Бурим Касами.
За гостинската екипа од Свети Никол во првиот дел погодија Давид Бојковски, Лука Наумов и Христијан Митев, а во вториот дел погоди Климент Ѓошев.
Мечот во Битола меѓу Конзули и ССК не се одигра, а нема ниту образложение зошто, па останува отворено прашање дали и кога овој меч ќе се одигра.
Во однос на горниот дел од табелата – лидер е ланскиот прволигаш Железарец со 25 бодови, на делба на второто место се СЕЕ Университи и Каршиака со по 21 бод, а пак Црна Река е на четвртото место со 20 бодови.
Меѓу овие екипи ќе се води и битката за влез во Прва лига, а само првите две места водат кон елитата.