Со завршувањето на настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, македонската машка репрезентација го затвори континенталниот циклус со пласман на 14. место, а фокусот веќе се префрла кон следниот голем предизвик – Светското првенство во Германија во 2027 година.
Домаќинот Германија и актуелниот светски шампион имаат сигурен билет за Мундијалот, а од Европа ќе им се приклучат уште 14 селекции. Четири места ќе одат кај полуфиналистите од Европското првенство, додека останатите десет ќе се пополнат преку квалификациските баражи.
Првата фаза од баражите веќе донесе конкретни резултати, па Летонија, Турција и Косово обезбедија пласман во вториот круг. Во март ќе се одиграат натпреварите од вториот бараж, каде ќе настапат и шесте најслабо пласирани селекции од ЕП 2026, а двојките се веќе дефинирани.
Со пласманот на 14. место, Македонија не само што ќе учествува во третиот, решавачки бараж, туку ќе биде сместена и во првиот шешир при ждрепката закажана за 31 јануари. Двата дуела за пласман на Светското првенство нашите ракометари ќе ги одиграат во мај.
Во продолжение, комплетниот преглед на квалификациите за СП 2027 во Германија:
БАРАЖ 1 (29.10.2025 / 01–02.11.2025)
Летонија – Луксембург 28-20, 34-33
Кипар – Турција 27-33, 19-35
Велика Британија – Косово 26-32, 30-35
БАРАЖ 2 (18–19.03.2026 / 21–22.03.2026)
Босна и Херцеговина – Косово
Грузија – Израел
Украина – Словачка
Србија – Литванија
Полска – Летонија
Турција – Романија
Грција – Белгија
Финска – Црна Гора
БАРАЖ 3 (13–14.05.2026 / 16–17.05.2026)
Шешир 1:
10 селекции од ТОП 16 на ЕП без полуфиналистите и Германија и Данска –
Франција, Хрватска, Шведска, Норвешка, Португалија, Исланд, Унгарија, Швајцарија, Шпанија, Словенија, Фарски Острови, Македонија, Холандија, Австрија
Шешир 2:
Чешка, Италија, БиХ/Косово, Грузија/Израел, Украина/Словачка, Србија/Литванија, Полска/Летонија, Турција/Романија, Грција/Белгија, Финска/Црна Гора
Преостанатите учесници на Светското првенство ќе дојдат од другите континенти: Африка (5), Азија (4), Средна и Јужна Америка (4), Северна Америка и Кариби (1), како и две вајлд-карти.
Светското првенство во Германија ќе се одржи од 14 до 31 јануари 2027 година во шест града: Магдебург, Келн, Штутгарт, Хановер, Минхен и Кил.