Вечерва во Гевгелија следува вистински спектакл во Првата футсал лига на Македонија – дуел кој може да ја насочи сезоната и да покаже кој е најсериозниот кандидат да ја симне Форца од шампионскиот трон. На паркетот во спортската сала „26 Април“ ќе се сретнат двете досега непоразени екипи Проект и Кеги Моби.
И двете екипи се значително засилени оваа сезона и отворено целат кон титулата, која покрај престижот носи и пласман во квалификациите за Лигата на шампионите.
Проект – домаќин со најдобар напад и најдобра одбрана
Екипата на Проект влегува во дербито со совршен учинок од три натпревари и три победи, односно 9 бодови, а уште има заостанат дуел со актуелниот шампион Форца.
Статистички, Проект е најимпресивниот тим сезонава со 36 постигнати голови – најдобар напад во лигата и 5 примени голови – најдобра одбрана.
Домашниот терен, поддршката од верната публика и позитивната атмосфера му даваат силна предност на Проект.
Кеги Моби има максимални 12 бодови, но во Гевгелија ќе има тешка задача ако сака продолжување на максималниот ефект. Тимот од Велес има одиграно четири натпревари и забележа четири победи – 12 бодови и максимален учинок.
Екипата постигна 21 гол и прими 9, што е нешто послаб дефанзивен сегмент во споредба со Проект. Тоа значи дека на вечерашниот меч ќе мора да прикаже поцврста игра во одбраната, бидејќи секоја грешка против ефикасен противник може да биде пресудна.
Што нè очекува?
Проект покажува доминација во двете фази – и во напад и во одбрана. Кеги Моби има искуство и четири победи зад себе, но мора да биде исклучително внимателен во дефанзивата ако сака да остане на врвот.
Се очекува динамичен, брз и неизвесен натпревар, вистинско дерби кое може да одреди како ќе се движат конкурентите на форца.
Доне Ристовски од Гевгелија и Марјан Младеновски од Скопје ќе делат правда, Тодор Туриманџов од Кавадарци ќе биде делегат, а пак Петар Мантев од Неготино ќе биде контролор.
Натпревар кој се игра во спортската сала „26-ти Април“ во Гевгелија започнува во 18 часот.