Виктор Петровски е новиот селектор на женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија, откако ја доби довербата од раководството на Кошаркарската федерација. Новиот предводник на националниот тим нема да има многу време за адаптација, бидејќи веќе во ноември го очекуваат првите предизвици во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Македонската репрезентација во претстојниот циклус ќе одигра два натпревари. На 11 ноември нашите кошаркарки ќе гостуваат во Букурешт против Романија, додека на 14 ноември во Штип ќе ја пречекаат селекцијата на Естонија.
За Петровски преземањето на селекторската функција претставува голема чест, но истовремено и сериозна одговорност. Тој е свесен дека ја презема репрезентацијата во период на значајна генерациска промена, со подмладен состав и потреба од создавање нов тим за предизвиците што следуваат.
Новиот селектор најавува долгорочна визија, постепено подмладување и создавање конкурентна репрезентација, во која младите кошаркарки ќе добијат можност да се развиваат, да стекнуваат искуство и да се докажуваат на меѓународната сцена.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на Кошаркарската федерација на Македонија за укажаната доверба и можноста да ја преземам функцијата селектор на женската сениорска репрезентација. За мене ова претставува голема чест, но истовремено и голема одговорност.
Свесен сум за предизвиците што ги носи оваа функција, особено во женскиот репрезентативен сегмент, и ќе дадам сè од себе за да одговориме на обврските што нè очекуваат“.
Тој вели дека ова е млад тим со големи амбиции и цели.
„Мора да бидеме реални и да разбереме дека создавањето конкурентна репрезентација е процес кој бара време, трпение, доверба и континуитет во работата. Не можеме да очекуваме најдоброто од оваа генерација да го видиме веднаш.
Мојата визија е да размислуваме долгорочно, во период од наредните три до четири години. Сметам дека во овој момент е многу важно сите да имаме заедничка цел и да бидеме свесни дека пред нас е процес кој бара време и разбирање.
Ни претстои период во кој овие кошаркарки ќе треба да стекнуваат искуство, да растат како индивидуи и како тим и постепено да ја преземаат одговорноста што ја носи настапот за сениорската репрезентација. Затоа, поддршката и довербата од сите страни ќе бидат од големо значење. Важно е да не гледаме само на резултатот од еден натпревар, туку и на напредокот што ќе го правиме од собир до собир“.
Очекува позитивна атмосфера и голема желба и мотив за работа во периодот што следи.
„Мојата прва цел е да создадеме позитивна атмосфера и тим во кој секоја кошаркарка ќе знае дека има своја улога и одговорност.
Сакам кошаркарките да доаѓаат на секој собир со желба, енергија и мотив за работа. Да бидат горди што го носат националниот дрес и секој следен „прозорец“ да го доживуваме како нова можност за напредок“ – смета Петровски пред првите предизвици, натпреварите со Романија и Естонија.