Во сабота во Богданци ќе се игра едно од најголемите дерби натпревари во рамките на Првата ракометна лига – пресметка меѓу двата најголеми конкуренти за влез во Суперлигата. Младост на свој терен ќе го пречека Вардар Неготино во дуел кој со право го носи епитетот на ракометен спектакл.
Домашниот тим, предводен од тренерот Горан Андоновски, ќе има огромна поддршка од својата публика, бидејќи салата во Богданци се очекува да биде исполнета до последното место. Атмосферата во градот веќе зоврива, навивачите се мобилизираат и веруваат во нова голема победа на своите миленици.
Од другата страна, Вардар Неготино под водство на македонската ракометна легенда Пепи Манасков пристигнува со јасна цел – да слави во тешкото гостување и да ја преземе водечката позиција во битката за Суперлигата.
Оваа пресметка не е само натпревар за бодови, туку и директен судир на двата најсилни претенденти за враќање во ракометната елита на Македонија. Почетокот е закажан за сабота во 19:30 часот, а љубителите на ракометот во Богданци ќе уживаат во вистински спортски празник.
Правдата ќе ја делат Спаско Ќаев и Виктор Андонов од Скопје, а делегат ќе Лери Мирчески од Скопје.
Натпреварот ќе можете да го следите во живо преку директен пренос од Богданци, а коментатор на истиот ќе биде Александар Ванев од Спортска Мрежа.