Ракометарките на Тунис имаа победа „во џеб“, но Грција со неверојатна завршница успеа да извлече реми – 26-26, во рамки на „Трофеј Македонија“ во Охрид.
Африканската селекција водеше со убедливи 26-22 на само неколку минути до крајот, но грчките ракометарки со агресивен пресинг ја вратија неизвесноста. За нешто повеќе од половина минута постигнаа три гола и дојдоа на само чекор од израмнување.
Клучниот момент беше промашениот зицер на Тунижанките при водство 26-25 – шансата ја спаси голманката Кепесиду. Тоа им остави десетина секунди на Гркинките да изведат последен напад, кој го крунисаа со погодок буквално во последната секунда.
Првото полувреме мина во израмнета игра, а на одмор Тунис имаше минимална предност од 13-12.
Вечерва, од 20:30 часот, Македонија ќе го одигра својот натпревар од вториот ден на турнирот против селекцијата на Египет.