Македонскиот прволигаш Работнички и досегашниот шеф на стручниот штаб, Бојан Маркоски, од денес тргнуваат по различни патишта. Клубот од Дебар Маало преку официјално соопштение ја информираше јавноста дека спогодбено е раскинат договорот со младиот стратег, кому му посака многу успех во понатамошната кариера.
„ФК Работнички ја информира јавноста дека спогодбено го раскина договорот со шефот на стручниот штаб Бојан Маркоски. Клубот му посакува сѐ најдобро во следните предизвици. “, стои во објавата на официјалните канали на клубот.
Маркоски на клупата на Работнички седна ова лето како наследник на Горан Станиќ, но „романтичарите“ имаа бледо отворање на сезоната. По три одиграни кола во Првата македонска фудбалска лига, тимот освои само еден бод и сè уште нема постигнато ниту еден гол, што очигледно придонесе за одлуката за разделба.
Иако Работнички во Купот славеше со убедливи 0-16 на гостувањето во Карбинци, таа победа не беше доволна за да му го обезбеди местото на Маркоски. Клубот во следниот период ќе мора да бара нов тренер кој ќе се обиде да го врати тимот на победничките патеки.