Ракометарите на ГРК Охрид ја потврдија одличната форма и стигнаа до втората победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, совладувајќи го српскиот шампион Партизан со убедливи 30:25. Со овој триумф, охриѓани се на чекор од пласман во големото финале и пред последното коло се наоѓаат во пол-позиција за првото место во групата.
Натпреварот започна израмнето, но избраниците на Борис Ројевиќ први се одлепија на 6:4, а по пресечена топка Дарко Ѓукиќ реализираше контра за 10:7 по петнаесет минути игра. Клучниот момент се случи во финишот на првото полувреме кога „гладијаторите“ заиграа фуриозно во нападот и со серија од 6:0 стигнаа до највисоки 19:11.
Голманот Градимир Чаневски беше фантастичен со шест одбрани во првиот дел, па на пауза се замина со убедливо 19:12 за Охрид.

Вториот дел започна нешто поразлично – охриѓани цели седум минути не постигнаа гол, а Партизан предводен од Марко Николиќ и голманот Зориќ се врати во игра и намали на 19:17. Сепак, кризата не траеше долго.
Со разновидни комбинации, чврста одбрана и нови бравури на Чаневски, охриѓани брзо ја вратија контролата над натпреварот.

Анте Иванковиќ беше најдобар стрелец на натпреварот со осум гола, а Дарко Ѓукиќ постигна шест. Градимир Чаневски блескаше меѓу стативите со 11 одбрани. Кај гостите од Белград, Иванов реализираше пет гола, додека Зориќ имаше 13 успешни интервенции.

Со овој триумф, ГРК Охрид утре ќе има ден за одмор, а во петок го очекува решавачкиот меч за финале против хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице.

🏆 Резултат: ГРК Охрид – Партизан 30:25
🔥 Најдобри стрелци: Иванковиќ 8, Ѓукиќ 6 (Охрид) – Иванов 5 (Партизан)
🧤 Голмански ѕвезди: Чаневски 11 одбрани (Охрид), Зориќ 13 одбрани (Партизан)
