Могила и Крошу Спорт се пласираа во финалето каде ќе се соочат за шампион на Општинската фудбалска лига (ОФЛ) Битола.
Двете екипи триумфираа убедливо и обезбедија финале каде ќе играат за шампионска титула, но и за влез во Трета лига – Југозапад.
На одличниот фудбалски терен во Црнобуки беа одиграни двата полуфинални натпревари, каде беа постигнати голем број на погодоци.

Крошу Спорт со убедливи 1:4 го доби тимот на Лисолај и така обезбеди финале. Лисолај го отвори резултатот по само две минути игра преку Кристиан Симиќ, но не требаше многу Крошу Спорт во 8. минута преку Дејан Велевски израмни на 1:1, а веќе во 14. минута направи и пресврт преку гол на Александар Крстевски.
Во вториот дел Лисолај бараше гол за израмнување, додека пак Крошу Спорт бараше гол за ставање печат на победата. Во 71. минута Николче Штраклевски погоди за 1:3, а во 77. минута конечните 1:4 ги постави Александар Ѓорѓиевски.
Могила на крилата на Хакан Алимовски обезбеди финале откако со убедливи 1:4 славеше над Победа од Ивањевци. Триумфот беше најавен уште во првиот дел кога Алимоски постигна хет-трик во првиот дел за 0:3 на полувреме и висока предност за Могила.
Во второто полувреме Победа преку Даниел Паревски намали на 1:3 во 62. минута, а во 75. минута Алимоски со четврти гол ги постави конечни 1:4.

Финалето за шампион на ОФЛ Битола ќе се игра на 7. јуни со почеток од 17 часот на Градскиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола. Победникот покрај обезбедување на шампионската титула ќе обезбеди и влез во Трета лига – Југозапад за следната натпреварувачка сезона 2025/2026.