Форца ја одбрани и Куп-титулата и со тоа стигна до нова двојна круна во македонскиот футсал, откако тимот од Куманово со 5:4 славеше во големото финале против Осогово кое се играше во СРЦ „25 Мај“ во Радовиш. Тешко финале, девет гола, пресврти, многу шанси…
Натпреварот беше одличен, идеални услови за игра во реновираната спортска сала во Радовиш која годинава ги собра сите најголеми спортски случувања како организатор и домаќин, откако пред нешто повеќе од две недели се одржуваше и завршницата од Купот на Македонија во одбојка во машка и женска конкуренција.
За помалку од една минута Осогово го отвори резултатот откако Давид Ристовски одлично биеше и ја стресе мрежата на Иван Стојановски за рано отварање на резултатот и водство од 0:1.
Тоа ја крена публиката на нозе во СРЦ „25 Мај“ со оглед на тоа што публиката од Крива Паланка која дојде да го поддржи Осогово беше во многу поголем број во однос на публиката од Куманово која беше во многу мал број како поддршка за Форца.

Веднаш потоа имаше уште една одлична шанса за Осогово, по што Форца дојде до израмнување преку искусниот Зоран Левески веќе во 2. минута од мечот.
Следуваше нова голема шанса за Осогово преку Дамјан Ангеловски, но голманот на Форца, популарниот Шбава беше внимателен.
Форца во 5. минута од мечот се закани преку Берат Рамадани кој биеше но топката се одби од еден од фудбалерите на Осогово се обиде и со одбиената топка, но сигурен беше Никола Спасовски, голманот на Осогово.

По притисокот кој го правеше Форца, Осогово успеа да изгради една брза акција од која капитенот Кристијан Станојковски биеше кон голот на Форца со низок удар, но сепак Стојановски беше сигурен.
Во 9. минута од мечот Левески ја собра топката и биеше кон голот на Спасовски со што бранителот Форца направи пресврт на 2:1. Не требаше многу веќе во 10. минута Форца дојде до предност од 3:1 откако Јасир Зекири ја стресе мрежата на Спасовски кој капитулираше по третпат за кратко време.

Осогово имаше одлична шанса преку Мартин Тодоровски но многу среќа имаше голманот на Форца кој ја собра некако топката доволно за да ја исфрли напред.
Во 15. минута од мечот Харис Омеровиќ заработи жолт картон поради фаулирање. Две минути подоцна Осогово намали преку Кристијан Станојковски кој ја собра одбиената топка од голманот на Форца и ја смести во мрежата за 3:2, иако играчите на Форца реагираа дека сепак имало игра со рака, но првиот судија Доне Ристовски беше децидент дека немало игра со рака и резултатот на семафорот беше 3:2.
Публиката која допатува од Крива Паланка во голем број на вжешти атмосферата со силна поддршка за Осогово при секој напад на Форца.
Првиот дел во СРЦ „25 Мај“ заврши со предност од 3:2 за екипата на Форца.
На стартот од вториот дел Осогово дојде до израмнување (3:3) откако Станојковски беше прецизен, а тоа ја врати одличната атмосфера на навивачите на Осогово.

По тој гол започна комплетен притисок на Осогово, по што Давид Ристовски беше прецизен за 3:4 и направи комплетен пресврт екипата на Осогово по само три минути игра во вториот дел. Мотивот и желбата кај Осогово за историја, за првата Куп-титула беа големи.
Осогово потоа имаше голема шанса преку Мартин Тодоровски кој влезе во трка таму за да бие но беше попречен во моментот кога се обидуваше да ја пласира топката кон голот на Форца.
Форца имаше една длична шанса преку Таулант Исмаили кој биеше силно но само покрај голот на Спасовски.
Во вториот дел по девет минути игра Форца доби пенал откако првиот судија Доне Ристовски покажа на белата точка. Одговорноста за изведување на ударот од белата точка ја зеде Таулант Исмаили кој биеше максимално прецизно за израмнување на 4:4. Следуваше голема шанса за Форца откако Артан Јунузи биеше пресилно, топката ја одби Спасовски и налета на Берат Рамадани кој веднаш биеше но немаше завршница каква што посакуваше.
Шансите кај Форца се редеа како на брза лента, Таулант Исмаили изведе аут веднаш до Берат Рамадани кој само излизга на подот на СРЦ „25 Мај“, а потоа дојде една огромна шанса кај Осогово, влакно фалеше за тимот од Крива Паланка да дојде до петиот гол.
На девет минути до крајот Форца дојде до нова предност откако мајсторски прецизно Артан Јунузи испрати проектил за ново водство на Форца од 5:4. Вендаш потоа имаше уште два зицери за екипата на Форца кој не ги реализираше и со тоа ја остави неизвесноста до крај. Јунузи имаше уште еднаш шанса кога ја погоди стативата.
На спротивната страна шанса имаше и Осогово преку Дамјан Ангеловски, но Стојановски беше сигурен и не дозволи неговата мрежа да биде затресена.
- ДЕЛ ОД АТМОСФЕРАТА И ПРОСЛАВАТА НА ФОРЦА:
Форца сега со фокусот ќе биде на Европа и на европските предизвици во Лигата на шампиони, а разговорот кој го направи Спортска Мрежа со раководството на Форца ќе има многу што да понуди овој тим и се подготвуваат некои поголеми работи за што ќе информираме дополнително.
Во текот на вечерта ќе објавиме и неколку изјави од играчите на Форца кои ги дадоа за Спортска Мрежа.