Големото финале од футсал Купот на Македонија ќе се одигра утре во СРЦ „25 Мај“ во Радовиш, со почеток од 19:00 часот.
Бранителот на трофејот, Форца, ќе се соочи со Осогово од Крива Паланка — тим кој за првпат во историјата избори пласман во финале и ќе се обиде да стигне до својата прва Куп-титула. Форца, од друга страна, ќе атакува на нова двојна круна и потврда на доминацијата во македонскиот футсал.
Фудбалската федерација на Македонија веќе ги објави официјалните лица за ова големо финале.
Главен судија ќе биде Доне Ристовски од Гевгелија, втор судија Моника Даштевска од Скопје, додека трет судија ќе биде Бењамин Ќерими, исто така од Скопје.

Мерач на време ќе биде Славче Шоповски од Велес. Делегат на натпреварот ќе биде Илија Митров од Штип, контролор на судењето Иса Емурли од с. Шемшово, Јегуновце, а за безбедноста ќе се грижи Зоран Саздов од Скопје, како комесар на ФФМ.

Сѐ е подготвено за спектакл во Радовиш – дали Форца ќе ја одбрани титулата и освои нова двојна круна, или пак Осогово ќе испише историја со првиот голем трофеј?