Втора лигаФудбал

Од денес до 6. октомври 5 натпревари за второлигашите: Викендот се игра 5. коло од Втора лига!

Сподели
ФОТО: Александар Ванев, Спортска Мрежа
Сподели

После долга пауза викендот се враќа второлигашкиот фудбал, в недела наместо натпреварите од 4. коло, ќе се одиграат натпревари од 5. коло, а пак натпреварите од четвртата рунда ќе се одиграа на 25. септември (среда).

Второлигашите најпрво одмараа поради репрезентативната пауза, потоа одмараа поради настап на аматерската репрезентација на Македонија на турнир во Србија.

Сепак, овие две недели пауза кои се многу јасно премногу, второлигашите беа принудени да одиграат пријателски натпревари со цел да се одржува формата за продолжението од сезоната, бидејќи пред нив сега е турбо распоред, од денес до 6. октомври или во овие 15 дена ќе треба да одиграат пет натпревари. Четири првенствени и еден Куп натпревар.

ФОТО: Александар Ванев, Спортска Мрежа | Брегалница – Победа, 1. коло

Долгата пауза покрај за одигрување на пријателски натпревари, дел од второлигашите ја искористија за менување на тренери како што беше случајот со Детонит Плачковица и Осогово, дел правеа анализи за слабиот старт од новата сезона како Борец, Беласица, Охрид, Каменица Саса…

В недела Арсими на домашен терен ќе игра против Новаци во меч каде домаќинот ќе биде фаворит, но Новаци е незгоден противник, а тоа Арсими најдобро го знае особено по поразот кога на стартот од ланската сезона беше изненаден.

Во Струмица соочување на два поранешни прволигаш, Беласица против Победа ќе бара прв сезонски триумф, а пак прилепчани сакаат да останат непоразени на „Благој Истатов“. Во Велес соочување на новите второлигаши Борец против Вардарски. Велешани очајно ја започнаа новата сезона, по поразот од Башкими во првото коло, во второ коло во Прилеп им се случи вистинска катастрофа каде беа поразени со 5:0 од Победа, а пак во третото коло во финишот загубија и од Новаци. Вардарски после 27 години се врати во Втора лига и тргна добро во Втора лига, откако освои голем бод како планина во Автокоманда, а бод зеде и во Радовиш.

Борец промовираше неколку играчи, но колку тие ќе дадат на квалитет и колку ќе помогнат клубот да се избори за опстанок останува да видиме во текот на есенската полусезона.

ФОТО: Александар Ванев, Спортска Мрежа | Вардарски – Кожуф, 2. коло

Дербито на Истокот се игра во Штип, но далеку од дерби како во минатото. Брегалница ќе биде домаќин на Осогово во меч каде „сините“ ќе бидат големи фаворити за трите бодови и само победа е опција за Брегалница, се друго ќе биде изненадување.

Домашниот терен и домашната публика, како и далеку подобриот и поквалитетен тим се повеќе од доволни причини за да Брегалница биде апсолутен фаворит против „жетварите“ од Кочани кои го добија Горанчо Георгиев за нов тренер, па практично за него тоа ќе биде деби на клупата на Осогово.

Детонит Плачковица по само три кола во новата сезона се одлучи да менува на тренерската клупа, штипскиот стратег Иван Варадиновски го замени со нов штипски стратег, Горан Здравков се врати на клупата на Детонит Плачковица.

ФОТО: Александар Ванев, Спортска Мрежа | Тренинг на Детонит Плачковица на Градски во Радовиш

Дебито Здравков на клупата на Детонит ќе го има веќе денес против Борец во Купот, а в недела на домашен терен Детонит Плачковица ќе се соочи со Скопје. „Пиратите“ во Радовиш доаѓаат по три бодови, минатата сезона со голот во финиш на Аљбан Мемеди екипата на Љупчо Марковски – Калц остана без бодови, но Детонит го совлада Скопје и на „Железарница“, па тоа ќе биде вистински и неизвесен дуел на Детонит Плачковица со Скопје.

Кожуф на домашен терен ќе ги одмери силите против Вардар Неготино, во меч каде Кожуф ја има улогата на фаворит. Гостинот од Неготино го врати Кирил Неделков, кој по три кола во Детонит Плачковица си ги „спакува куферите“ и се врати во Вардар.

Кожуф е еден од кандидатите за местата кои водат во Прва лига, а мечот со Вардар Неготино е предизвик за нивните цели.

Македонија ЃП како голем фаворит ќе го пречека тимот на Каменица Саса, кој не тргна според посакуваното. „Лавовите“ кои лани испаднаа од Прва лига во новата сезона тргнаа одлично и се наоѓаат на врвот од табелата, а на мечот со Саса ќе важат за големи фаворити против Саса која како што се чини и во новата сезона ќе се мачи за опстанокот.

ФОТО: Александар Ванев, Спортска Мрежа | Башкими – Македонија ЃП, 2. коло

Иако е рано, само три кола, сепак Саса мора да почне да победува со цел да се избегне ланската катастрофална есенска полусезона со која Саса го плати данокот и во пролетниот дел кога во последното коло го избори опстанокот.

Охрид имаше повеќе од доволно време да анализира и да се консолидира по лошиот почеток на стартот од сезоната. Пораз од Македонија ЃП (0:2), а потоа дебакл и на домашен терен од Арсими (4:2), а во третото коло под рефлектори со Беласица само 1:1. Охриѓани имаат само еден бод на своето конто од можни девет, а сега пред себе го имаат Башкими.

ФОТО: Александар Ванев, Спортска Мрежа | Беласица – Охрид, 3. коло

Гостинот од Куманово на „Билјанини Извори“ доаѓа по три бодови со цел остварување на своите цели, атак на местата за Прва лига, а Охрид ќе мора да најде рецепт и конечно да победи, бидејќи во случај на реми или пораз Охрид ќе влезе во поголема резултатска криза, а тоа ќе испорача големо незадоволство во спортската јавност во Охрид и кај верните „рибари“, а тоа ќе значи и вклучување на црвен аларм.

Колку второлигашите ја одржаа формата и колку ќе го издржат притисокот од 5 натпревари за 15 дена ќе гледаме од утре па се до 6. октомври.

Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

ФудбалФудбалска репрезентација

Футсал репрезентацијата на Македонија загуби од Андора

Футсал репрезентацијата на Македонија претрпе уште еден пораз во квалификациие за Европското првенство, откако загуби од Андора на гостински терен со 2:1. Во...

Втора лигаФудбал

Дури девет фудбалери го пропуштаат 21. коло на Втората лига поради пет жолти картони!

Поради акумулирани пет жолти картони девет фудбалери од седум екипи го пропуштаат 21. коло на Втората лига. Поради жолти картони овој викенд односно...

Поврзани написи
ФудбалФудбалска репрезентација

Футсал репрезентацијата на Македонија загуби од Андора

Футсал репрезентацијата на Македонија претрпе уште еден пораз во квалификациие за Европското...

Втора лигаФудбал

Дури девет фудбалери го пропуштаат 21. коло на Втората лига поради пет жолти картони!

Поради акумулирани пет жолти картони девет фудбалери од седум екипи го пропуштаат...

Втора лигаФудбал

Борец и Осогово во директен дерби дуел за опстанок – трите бодови повеќе од важни!

Се разгорува битката за опстанок во Втората лига, Осогово е во ситуација...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!