По повеќедецениски поделби, македонското пливање конечно направи чекор кон единство. На собранието на Националната пливачка федерација, двете страни ги оставија разликите зад себе и едногласно го избраа новиот претседател, добивајќи поддршка од сите клубови учесници.
Ова обединување носи нова надеж за развојот на спортот, со фокус на подобрување на условите за пливачите и идните генерации.
На собранието присуствуваше и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој ја поздрави одлуката за обединување. За нов претседател едногласно беше избран Сашо Лазаревски, со што македонското пливање добива нова шанса за напредок.

Министерот изрази задоволство од постигнатиот консензус, нагласувајќи дека ова е значаен чекор за иднината на спортот.
„Сакам да ги поздравам сите што ја прифатија мојата иницијатива за обединување во пливањето и да го повторам тоа што го кажав на состаноците со претставниците од двете страни. А, тоа е дека по изборот на новиот претседател на Национална пливачка федерација, Министерството за спорт ќе посредува и директно ќе помага во решавање на проблемите што беа натрупани во овој спорт и дека во најбрз можен рок сметката на федерацијата ќе биде одблокирана. Не смееме да дозволиме поделбите да одат на штета на пливањето, на пливачите и на сите деца што се занимаваат со овој спорт“, рече министерот Ристовски.
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа