Сите спортски натпревари започнуваат со минута молк во чест на 59-те жртви од големата трагедија во Кочани, но денес тоа не беше испочитувано на натпреварот меѓу Шкеднија и Брера Струмица во рамки на 25. коло на ПМФЛ.
Додека фудбалерите на двете екипи, стручните штабови на двете екипи, како и судиите и официјалните лица на натпреварот го испочитуваат молкот од една минута за жртвите од трагедијата, навивачите на домашниот тим навиваа и свиреа за време на едноминутниот молк.
Ова е голем срам и непочитување, се работи за загуба на 59 млади животи, моменти кога Македонија и Кочани се завиено во црно, кога целата нација жали и тагува, кога на сите спортски натпревари се оддава почит, натпреварите на голем број натпревари запираат во 59. минута или пак публиката оддава почит во 59. минута во чест на 59-те жртви.
- МИНУТА МОЛК НА МЕЧОТ ВО ТЕТОВО, КОЈ НЕ БЕШЕ ИСПОЧИТУВАН ОД ДОМАШНИТЕ НАВИВАЧИ:
Фудбалската федерација на Македонија веднаш реагираше и отвори дисциплинска постапка против ФК Шкендија поради нечовечкото однесување на навивачите и непочитувањето на минута молк во чест на жртвите од трагичната несреќа.

„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) отвора дисциплинска постапка против ФК Шкендија поради нечовечкото однесување на навивачите и непочитувањето на минута молк во чест на жртвите од трагичната несреќа. Овој чин претставува недопустливо непочитување кон загинатите и нивните семејства. ФФМ ќе преземе соодветни мерки согласно правилата со што ќе обезбеди вакви недолични постапки никогаш повеќе да не се повторат. За вакви нелуѓе нема место во фудбалот. Нека се огледаат на Шкендија Арачиново, која покажа достоинство и почит кон жртвите и целокупната ситуација во државата. ФФМ пред неколку недели веќе ги испразни трибините со гостински навивачи во Струга поради недолично однесување и тоа ќе важи за сите – без исклучок. Фудбалот мора да остане спорт на почит и достоинство“, се вели во соопштението на ФФМ.
По непочитувањето на минута молк во чест на жртвите од трагичната несреќа од страна на навивачката група „Балисти“, со соопштение се огласи и ФК Шкендија, клубот го осуди однесувањето на „групата индивидуални“ и изрази длабоко жалење за ситуацијата.

„Шкендија ги почитува сите институционални одлуки во овие сензитивни моменти за општеството. Како клуб, ситуацијата во Кочани нè шокираше исто како цела држава и емотивно влијаеше на нашите животи. Чувството беше присутно на сите тренинзи овие денови, а се преслика и на мечот со Брера и покрај победата од 2-1 тимот не почувствува сатисфакција. Во овој контекст, Шкендија го испочитува барањето на минута молк од ФФМ во чест на жртвите. Сепак, група индивидуалци на трибините реши да не го испочитува тоа. „Балистите“ кои обично се зад голот, овој пат беа на централната трибина. Вкупно имаше меѓу три и четири илјади навивачи на стадионот, а група од 20 индивидуалци покажа неодговорно однесување не беше во склад со остатокот од навивачите.„Балистите“ се наш дванаесетти играч и секогаш биле нераскинлив дел од Шкендија, но такво неодговорно однесување од група индивидуалци не го пресликува духот на групата. Шкендија изразува длабоко жалење за ситуацијата, а исто така сака да искаже и почит за сите кои ги загубија животите во трагедијата“, се вели во соопштенито на тетовскиот клуб.
ФФМ веднаш отвори дисциплинска постапка за оваа ситуација.