Прва лигаФудбал

Вардар, Силекс и Шкендија до важни победи – триумфи на гостувањата во Гостивар, Кратово и Кавадарци

Сподели
ФОТО: ФФМ
Сподели



Трите натпревари од домашното првенство донесоа важни бодови за Вардар, Силекс и Шкендија, кои ги совладаа своите противници Арсими, Струга ТЛ и Тиквеш. Вардар славеше минимално во Гостивар, Силекс го доби дербито со Струга во Кратово, додека Шкендија со два погодоци во второто полувреме си замина со цел плен од Кавадарци.

Вардар со голот на Николов до три бода против Арсими

Актуелниот шампион Вардар го освои Гостивар, совладувајќи го Арсими со 0-1. Единствениот погодок на средбата го постигна Бобан Николов во 19. минута, по одличното нафрлување на Закариќ. Со оваа победа, тимот на Миодраг Божовиќ освои три значајни бода, додека Арсими останува на дното на табелата.

Вардар уште од самиот почеток ја презеде иницијативата и се обиде рано да го отвори резултатот. Во 15. минута Матиќ ја затресе мрежата на домаќините, но погодокот беше поништен по ВАР-проверка поради офсајд на Диабате, кој претходно ја испрати асистенцијата. Четири минути подоцна гостите сепак поведоа: Закариќ прецизно нафрли, а Николов со удар со глава ја испрати топката во мрежата.

Вардар продолжи да бара и втор гол, но обидите на Бабунски, Николов и Закариќ не донесоа промена на резултатот. Арсими се обиде да возврати преку Арлинд Алити, чиј удар беше запрен од Талески.



Во второто полувреме Гаје се закани на почетокот, додека на спротивната страна Омерагиќ не успеа да реализира со глава. Закариќ во 58. минута се најде во добра позиција, но неговиот удар беше блокиран, а потоа интервенираше и Силјановски. Три минути подоцна Азер Омерагиќ имаше уште поголема можност, откако излезе сам пред голманот на Арсими, но не ја искористи шансата.

Клучен момент во продолжението беше 68. минута, кога Арџенд Гафури доби црвен картон по ВАР-интервенција, откако со лакот го удри Мигел Пиреш во лицето. Домаќините протестираа по одлуката, но мораа да го продолжат натпреварот со играч помалку.

И покрај бројчаната предност, Вардар не успеа да ја зголеми предноста. Матиќ во 74. минута ја префрли пречката од непосредна близина, а во 81. минута Закариќ создаде можност за Јанкулов, кој не успеа да погоди откако топката запре во калта пред голманскиот простор. На крајот, погодокот на Николов се покажа доволен за гостински триумф од 0-1.

Донов го реши дуелот во Кратово – Силекс ја совлада Струга ТЛ

Силекс стигна до значајна победа од 1-0 против Струга ТЛ на домашен терен, во натпревар одигран под тешки услови за игра. Херој на кратовци беше Илија Донов, кој во 56. минута го постигна единствениот гол на средбата, по ВАР-проверка со која беше потврдено дека погодокот е регуларен.

Домашниот состав прв се закани преку Богдановски, по нафрлувањето на Тимовски, а во 4. минута Мишов биеше со глава по корнер, но Василев успешно интервенираше. Силекс продолжи со нападите, па во 12. минута и Џеков се обиде со глава, но гостинскиот голман повторно беше сигурен.

Струга постепено воспостави подобра контрола и почна да создава свои можности. Пап Фал во 21. минута шутираше од околу дваесет метри, но без поголема опасност за Џеков. Набргу потоа се обиде и Алији од 18 метри, а пет минути подоцна Агама имаше можност по брз противнапад, но голманот на Силекс повторно излезе како победник. Во 39. минута се закани и Буњамин Шабани, но неговиот удар заврши во рацете на Џеков.



На почетокот од вториот дел Агама повторно се најде во добра позиција, но неговиот обид беше блокиран од домашната одбрана. Одлуката падна во 56. минута, кога Донов ја погоди мрежата на стружани. Иако првично беше сигнализиран офсајд, по прегледот на ситуацијата со ВАР-системот погодокот беше признат и Силекс поведе со 1-0.

Струга се обиде да се врати во натпреварот, а Воша во продолжението шутираше од околу 20 метри, но топката заврши покрај стативата. Во финишот гостите тргнаа по израмнување, но кратовци ја задржаа компактноста во одбраната и ја сочуваа минималната предност до последниот судиски свиреж.

Во следното коло Силекс ќе гостува кај Брегалница во Штип, додека Струга Трим Лум ќе ја пречека екипата на Тиквеш.

Шкендија со два гола во второто полувреме го освои Кавадарци

Шкендија се враќа со три бода од гостувањето кај Тиквеш, откако со 0-2 славеше во Кавадарци. Тетовци до победата стигнаа со два погодоци во вториот дел, а освоените бодови добиваат дополнителна тежина по поразот на Струга ТЛ во Кратово, бидејќи Шкендија повторно се вклучува во трката за првото место.

Лошиот и влажен терен им создаваше проблеми на двете екипи, па во првите 45 минути немаше многу изразити можности за погодок. Сепак, по паузата Шкендија го засили темпото и брзо ја презеде контролата врз резултатот.

Во 49. минута, по обидот на Зејнулаи, Димески играше со рака во сопствениот шеснаесетник. По реакција од ВАР-собата беше досуден пенал за гостите, а Красниќи ја презеде одговорноста и сигурно го совлада Стевковски за водство од 0-1.



Тетовскиот тим ја потврди победата во 78. минута. Красниќи изведе корнер и го пронајде Мелиќи, кој со удар со глава ја испрати топката во мрежата за конечни 0-2.

Шкендија можеше да стигне и до поубедлива победа во завршницата. Тамба се најде сам пред противничкиот гол, но неговиот обид заврши покрај левата статива. Тоа не го промени исходот, па тетовци заслужено ги освоија трите бода во Кавадарци.

Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Ракометна репрезентацијаРепрезентација

Македонија со пресврт ја совлада Италија, против Турција ќе се бори за трофејот во Анкара!

Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија продолжува со успешните настапи на меѓународниот пријателски турнир во Анкара, каде што денеска ја забележа втората победа,...

Останато

(ФОТО) Катерина Николоскa со три нови меѓународни судиски ангажмани ја заокружи 2026 година

Македонската џудо судијка Катерина Николоскa продолжува да ја гради својата меѓународна репутација, претставувајќи ја Македонија на натпреварувања од највисок ранг. Во изминатиот период...

Поврзани написи
Втора лигаФудбал

Охрид есенски првак, Беласица со голема победа: Новаци со пресврт против Шкупи, Детонит го запре Работнички!

Охрид ја заврши есенската трка на врвот, Пелистер остана непоразен, а Работнички...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!