Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 19 години од 9 до 17 ноември ќе биде домаќин на квалификацискиот турнир од вториот круг за пласман на Европското првенство во 2027 година.
Избраниците на селекторот Димитар Капинковски ќе се соочат со селекциите на Северна Ирска, Словенија и Малта, а натпреварите ќе се играат во Турново и Струмица, со почеток од 13:00 часот.
Македонија настапот на домашниот квалификациски турнир ќе го започне на 11 ноември, кога на стадионот „Кукуш“ во Турново ќе ги одмери силите со Северна Ирска. На 14 ноември следува дуелот со Словенија, додека последниот натпревар од групната фаза нашите надежи ќе го одиграат на 17 ноември против Малта.
За претстојните предизвици, селекторот Димитар Капинковски се одлучи да повика 21 фудбалер, кои ќе имаат можност пред домашната публика да се борат за пласман во следната фаза од квалификациите.
Голмани: Александар Трајковски (Брера Струмица), Павел Грбевски (Тетекс), Бесјан Алију (Башкими).
Одбрана: Албан Рочи (Струга Трим Лум), Христијан Маркоски (Келн, Германија), Матео Кесик (Јединство), Мухамед Мустафи (Сент Гален, Швајцарија), Филип Цветковски (Вардар), Анес Абдурахмани (Шкендија).
Среден ред: Габриел Талески, Бојан Велков и Иван Танчев (Брера Струмица), Лорен Жаку (Билиш, Албанија), Александар Грашевски (Динамо Загреб, Хрватска), Лавдрим Касами (Умраниеспор, Турција).
Напад: Мухамед Куртиши (Раперсвил-Јона, Швајцарија), Јован Мрмачовски (Пелистер), Јаков Стојковски (Падерборн, Германија), Јордан Дамевски (Арка, Норвешка), Дитмир Хоџа (Лидс Јунајтед, Англија), Антиан Емини (Кожуф).
Целта на македонската селекција е да го освои првото место во групата и да обезбеди пласман во Лига А за третиот квалификациски круг, со што ќе остане во трка за настап на завршниот турнир на Европското првенство 2027.