Актуелниот шампион Работнички Скопје и освојувачот на Купот на ОФМ за 2026 година, Вардар ЕМ, ќе ги одмерат силите во женскиот натпревар од јубилејното 50. издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, кој годинава прераснува во Супер куп на Македонија.
Дуелот меѓу двата тима е втор на денешната програма во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово и ќе започне од 19:30 часот.
И двете екипи влегуваат со амбиции да стигнат до првиот трофеј во новото натпреварување, а од нивните табори се очекува интересен и неизвесен натпревар. Работнички и Вардар ЕМ ќе имаат можност уште на стартот од новата сезона да покажат што можат и да го освојат премиерниот „Чајка“ Супер куп пехар.
“Посебна чест е да се биде дел од првиот Супер куп што се организира во Македонија. Ја поздравувам одлуката на Одбојкарската федерација на Македонија реномираниот меѓународен турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, кој годинава се одржува по јубилеен 50. пат, да прерасне во Супер куп. Сметам дека на овој начин се продолжува една значајна одбојкарска традиција, а истовремено се дава нова вредност на домашната одбојка“, потенцира стратегот на Работнички Скопје, Душко Деспотовски и додава: „Во новата сезона влегуваме со сериозни промени во составот. Четири одбојкарки од минатогодишната шампионска екипа повеќе не се со нас, а нивното место го пополнивме со две искусни домашни засилувања и со млади и перспективни одбојкарки. Овој спој на искуство и младост треба да биде нашата сила, а низ тренинзите и досегашните одиграни пријателски натпревари работиме на воигрување на екипата и градење на заеднички препознатлив стил на игра. Нашата амбиција е јасна – сакаме првиот трофеј во Супер купот да заврши витрините на Работнички. Во овој натпревар влегуваме со максимален респект кон противникот и очекуваме голема борба за секој поен. За успех ќе ни бидат потребни дисциплинирана и стрплива игра, стабилност и смиреност во клучните моменти. Од девојките очекувам максимално залагање и меѓусебна поддршка. Верувам во нашата екипа и во тоа дека можеме да одговориме на предизвикот. Ги повикувам љубителите на одбојката да дојдат и да бидат дел од овој значаен настан – нивната поддршка ќе ни значи многу.“
По минатогодишната победа на Вардар ЕМ над Работнички Скопје во четвртфиналето во Купот на ОФМ, со која практично и си го отворија патот кон пехарот, вардарки сега ќе дадат сѐ од себе за да се повтори историјата и да ја отворат новата сезона со пехар.
„За прв пат во историјата на македонската одбојка ќе се игра Супер куп и тоа на еден од нашите најреномирани одбојкарски турнири, ‘Бранко Хаџииљоски – Чајка’ во Тетово, што е голема чест и привилегија за секоја екипа. Наш противник е актуелниот шампион, Работнички Скопје, добро познат противник за нас. Лани се соочивме во четвртфиналето од Купот на ОФМ и успеавме да го победиме, а потоа и да го освоиме Купот на Македонија. Во новата сезона двете екипи влегуваат со изменет состав, а самиот натпревар ќе претставува добра најава пред почетокот на првенството. Ќе се обидеме да го понудиме најдоброто од нас во моментов и да видиме во која насока се движиме во пресрет на сезоната. Секако убаво ќе биде да тргнеме со пехар, но прво на теренот мора да покажеме дека го заслужуваме. Ги повикувам сите љубители на одбојката да дојдат во Тетово и да уживаат во одбојкарската програма, како во женскиот, така и во машкиот натпревар од Супер купот“, вели Јован Шапе, тренерот на ЖОК Вардар ЕМ.
Влезот во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово е отворен за сите љубители на спортот и одбојката.