Женското издание на Купот на Македонија донесе возбудливо финале и индивидуални признанија за најистакнатите ракометарки на турнирот. Во битката за трофејот, екипата на Ѓорче Петров ја потврди доминацијата и со победата од 33:30 против Спартак повторно се искачи на врвот.
Покрај тимскиот успех, „лавиците“ имаа и најкорисна играчка на Ф4 турнирот. Признанието за МВП заслужено и припадна на Марија Гугуљанова, која со своите партии беше еден од клучните фактори во походот кон трофејот.
Од таборот на финалистот Спартак пристигнаа две значајни индивидуални награди. Интернационалката Сузана Зечевиќ беше најпрецизна на турнирот и го понесе признанието за најдобар стрелец, додека искусната голманка Слободанка Кицеска беше прогласена за најдобар чувар на мрежата.
Иако не стигнаа до трофејот, ракометарките на Спартак со своите настапи покажаа дека поседуваат квалитет и потенцијал, што беше потврдено и преку индивидуалните признанија освоени на завршниот турнир.