Екипата на Работнички стигна до исклучително значајна победа во борбата за опстанок во Првата македонска фудбалска лига, совладувајќи го Арсими со 2-0 на арената „Тодор Проески“ во рамките на 28. коло.
Првите 45 минути не донесоа многу возбудувања. Иако имаше иницијатива на двете страни, вистински закани кон головите речиси и да немаше. Арсими делуваше поорганизирано во одредени периоди, додека домаќините се обидоа преку неколку акции да ја нарушат рамнотежата, но без конкретен ефект.
Во продолжението, гостите отворија поофанзивно, но токму тогаш Работнички зададе удар. Во 54. минута по убава тимска акција, Мерџани одлично асистираше до Сухељ Муарем, кој сигурно реализираше за водство од 1-0.
По примениот гол, Арсими ја презеде иницијативата и се обиде да стигне до израмнување. Тимот создаваше притисок и се закануваше преку Рамадани, Гафури и Гони, но одбраната на Работнички остана стабилна и концентрирана. Во еден момент гостите бараа и најстрога казна, но судијата Илиоски не покажа на белата точка.
Како што одминуваше времето, темпото опадна, а домаќините умешно ја чуваа предноста. Во самата завршница, Работнички го завери триумфот – Хоџа погоди во судиското надополнување за конечни 2-0.
Со овие три бода, Работнички останува во игра за опстанок и ја продолжува борбата за избегнување на опасната зона. Во следното коло „романтичарите“ гостуваат кај Македонија ЃП, додека Арсими ќе бара поправка против Шкупи.