Екипата на Спартак испиша клупска историја и за првпат ќе се бори за трофеј во Купот на Македонија, откако во полуфиналето славеше над Чаир со 24-23. Херој на овој голем успех беше искусната голманка Слободанка Кицеска, која со дури 16 интервенции беше еден од клучните фактори за пласманот во финалето.
По натпреварот, Кицеска не го криеше задоволството од историскиот успех, потенцирајќи го карактерот и борбеноста на тимот.
„Да ова е историски момент за Спартак, натпревар што повеќе беше игра на психа и карактер. Моите девојки го докажаа тоа, докажаа дека поседуваат срце, карактер и желба за победа. Моите одбрани придонесоа за тоа, но пред мене имав одлична одбрана и клупа за пример. Сите овие сегменти придонесоа за карта во утрешното финале“, ни изјави Кицеска.
И покрај тоа што тимот остана без две важни ракометарки поради црвени картони, Спартак покажа зрелост и успеа да ја задржи минималната предност до самиот крај. Во финалето, кое ќе се игра во салата „Парк“ во Струмица, противник ќе биде бранителот на трофејот, Ѓорче Петров.
Во пресрет на големото финале, Кицеска даде свое видување за Спортска Мрежа за претстојниот дуел, но и јасна порака дека фаворитската улога не значи ништо.
„Ѓорче е екипа со историја и добар ростер на играчи. Како што кажавте јас последните 4 години ги поминав во дресот на Ѓорче каде што сум играла на финалињата на Купот, од таа гледна точка ќе кажам дека тоа е екипа со такво искуство и знае како да пристапи. Но од моето искуство исто би кажала дека Купот не секогаш го освојува фаворитот каде што имав и такво искуство хахаха, за крај би кажала уште еднаш дека победата ја носи тој што најмногу ја посакува и тој што е најмногу мотивиран“, истакна Слободанка Кицеска во изјава за Спортска Мрежа.
Финалето ветува возбудлива пресметка, во која Спартак ќе се обиде да го круниса историскиот настап, додека Ѓорче Петров ќе атакува на одбрана на трофејот.