МагазинТрета лигаФудбал

Џамбазов за Спортска Мрежа: Дојран го сакам безусловно – ќе се потпреме на домашни сили, Благој имаше една теза „дечките да си трчкат“

Сподели
Сподели

По ексклузивната информација што ја објави Спортска Мрежа за назначувањето на Игор Џамбазов за претседател на ФК Дојранско Езеро, разговаравме со новиот прв човек на клубот, кој отворено зборуваше за емоциите, плановите и предизвиците што го очекуваат.

Покрај Џамбазов, во новата управа се и Мишел Истатов (син на легендарниот Благој Истатов), Кирил Изов – поранешен селектор на женската А репрезентација на Македонија, сега селекторот на У-19 репрезентацијата и тренер на ЖФК Истатов, како и Дине Бојаџиев, додека секретар е Иле Поп Костов.

Клубот од Нов Дојран, кој настапува во Трета македонска фудбалска лига – Исток, има сериозна база со младински категории, сопствен стадион и традиција која датира од 1978 година, со настапи и во Втора македонска фудбалска лига.

Разговорот го започнавме за преземањето на функцијата и емоциите.

„Голема чест, уште поголемо задоволство, а и преземање обврска и одговорност во овие не баш убави денови за клубот кој некогаш беше гордост на Дојран кога играше во Втората македонска лига. Се разбира дека тука голема улога одигра и моето повеќе децениско пријателство со легендарниот Благој Истатов, кој својата блескава кариера ја заврши токму тука, во овој негов и наш клуб. А за анегдотите…ги има премногу. Па нели самиот факт дека сум бил официјален физиотерапевт на клубот уште пред триесет години е најсмешното нешто…“, ни раскажува големиот Џамбазов.

За влијанието на Благој Истатов и филозофијата

„И токму Благој Истатов е човекот кој многу одамна ме научи да го гледам фудбалот и од неговата вистинска страна. Многу пати имав привилегија да седам на клупата за резерви, до него, и да го почувствувам фудбалот на едно сосема поинакво ниво. Благој имаше и една теза која ќе ја застапувам додека сум на оваа функција. Тој велеше дека најважно е “дечките да си трчкат”, алудирајќи на тоа дека нашите деца од Дојран и околината треба да се занимаваат со спорт, да живеат здраво, и да станат важен и корисен дел од општеството во своите животи. Тоа и ќе го направиме. Ќе се потпреме на наши, домашни млади сили, кои од септември би ги засилиле со двајца, тројца, поискусни играчи“, вели сега веќе новиот претседател на ФК Дојранско Езеро, Игор Џамбазов за Спортска Мрежа.



За проблемите и поддршката

„Клубот има неколку проблеми. Најгорливи се оние со дел од стадионот (соблекувални, канцеларии), потоа наводнување на игралиштето (Дојран на лето има големи жештини, и ако таа треба не се наводнува секојдневно, ќе се уништи за неколку недели). Но веќе и официјално добивме поддршка и од нашиот градоначалник Иле Тентов, кој без збор се реши да му помогне на клубот, и јас многу се радувам заради тоа. Се разбира дека како претседател ќе им се обратам и на сите оние од овие краишта кои имаат мали и средни бизниси и чии мали донации за нас би значеле премногу“, ни изјави Џамбазов.

За младите и плановите

Тоа е можеби најважното нешто. Посветување многу поголемо внимание на најмладите категории, кои еден ден ќе бидат костурот на овој тим. Привлекување млади играчи од целиот регион, од Гевгелија до Струмица. Морам да ви се пофалам дека откако почна да се шушка за оваа моја функција, веќе ми се јавија неколку професионални фудбалери кои би сакале да играат за нашиот клуб. Но бидејќи преодниот рок заврши пред околу месец дена, тоа ќе почека до подготовките за следната сезона.



За љубовта кон Дојран и незаборавниот натпревар

„Дојран го сакам безусловно. Ми го врати здравјето, мирот, креативноста. Ми донесе многу нови пријатели, обични луѓе, со необични приказни. Околу први мај дефинитивно се вселувам во новата куќа и станувам вистински Дојранчанец. А околу натпреварот на ФК Дојранско езеро на кој секогаш ќе се сеќавам, секако е мојот прв натпревар како физиотерапевт. Куп натпревар со Вардар од Неготино, на нивни терен. Благој тренер. Ние имаме подобар голман од нивниот, така што и пенали ни одговараат. Нула-нула, досадно, развлечено…87 минута, фаул врз нашиот центарфор, тој офнува како да го стрелаат и паѓа како покосен. Благој ми вика “Ајде”. Трчам накај повредениот со Адидас црна торбичка, дотрчувам до него, ја отворам, вадам од неа зелено пластично шише полно со вода и почнувам да го прскам центарофорот. Кога судијата сфати дека не му е ништо, ми рече “готово”. Јас трчајќи шибам накај клупата, и го слушам Благој како се дере: “Дека се варкаш ти бе?” во превод, кај брзаш ти бе…а јас се закопав во место, и продолжив како манекен, чекор по чекор, нога пред нога, најбавно што умеам. На публиката тоа ич не и се бендиса, па почна да свири, да ме колне, да пцуе. Ми онадеа се по список. Само што дојдов до клупата, судијата свиреше крај. И си тепавме на пенали. Но тоа што публиката сакаше да ме линчуваа, никогаш нема да го заборавам“, завршува големиот Игор Џамбазов во ексклузивен разговор за Спортска Мрежа.

ФК Дојранско Езеро е во вистински раце – луѓе кои дале премногу за македонскиот фудбал, за Дојран и ФК Дојранско Езеро, а сега клубот покрај езерото продолжува со нова енергија и сила кон создавање на нови фудбалски приказни.



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Ракомет

Џатевска останува во Унгарија: Македонската репрезентативка ја продолжи соработката со Сомбатхељи

Македонската ракометарка Ивана Џатевска ќе продолжи да настапува во унгарскиот шампионат, откако официјално го продолжи договорот со Сомбатхељи за сезоната 2026/27. 22-годишната пикерка...

Втора лигаФудбал

Охрид го доживеа првиот сезонски пораз: „Рибарите“ немоќни против Марибор

Екипата на Охрид го доживеат првиот сезонски пораз откако во рамки на 5. коло на ЕРС (eFootball Pro Champions) загуби од тимот на...

Поврзани написи
Втора лигаФудбал

Охрид го доживеа првиот сезонски пораз: „Рибарите“ немоќни против Марибор

Екипата на Охрид го доживеат првиот сезонски пораз откако во рамки на...

Трета лигаФудбал

Двајца фудбалери го пропуштаат 17. коло во Трета лига – Исток!

В недела се играат мечевите од 17. коло на Третата македонска фудбалска...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!