Второлигашот Вардар Неготино во продолжението од сезоната, каде што ќе се води тешка борба за обезбедување бараж за опстанок, ќе го предводи Горан Тодорчев – добро познато тренерско име кое се враќа на клупата по неколку месеци пауза, дознава ексклузивно Спортска Мрежа.
42-годишниот стратег и во претходните сезони го водеше тимот од Неготино, притоа бележејќи солидни резултати и градејќи стабилен второлигаш. По завршувањето на минатата сезона, Тодорчев се повлече од тренерската функција.
Сепак, по слабите резултати во есенскиот дел од првенството, како и катастрофалниот старт на пролетната полусезона, во клубот беше вклучен „црвениот аларм“, што доведе до ангажман на веќе проверено тренерско решение.
Предизвикот пред Тодорчев ќе биде сериозен, но во Вардар Неготино веруваат дека тимот нема лесно да се предаде. Фокусот ќе биде ставен на освојување на максимален број бодови во дуелите со директните конкуренти за опстанок, но и на остварување позитивни резултати против останатите екипи.
„Предизвикот ќе биде навистина голем во оваа мисија за да стигнеме до баражот. Ќе биде многу тешко. Шансите се мали, но постојат. Нема на никој да се предадеме, а особено на домашен терен. Одиме по сигурни три бодови во дуелите со Слога Виница, Победа и Големо Коњари. Екипата веќе се подига оваа недела и како ќе изминува сезоната ќе бидеме се потежок противник за сите. Нормално најмногу зависи од ангажираноста на фудбалерите. За крај само ќе додадам, сакаме да го вратиме колку можеме Вардар на прав пат“, рече Тодорчев во изјава за Спортска Мрежа.
Дебито на старо-новиот тренер ќе го има веќе во сабота, кога Вардар Неготино гостува кај Охрид на стадионот Билјанини Извори.