Ракометната федерација на Македонија ги одреди двојките за четвртфиналето во Купот на Македонија во женска конкуренција, а борбата за место на завршниот турнир ќе донесе неколку исклучително интересни пресметки.
Најголемо внимание привлекува дуелот меѓу двете екипи од Ѓорче Петров, каде актуелниот освојувач на Купот ќе се соочи со својот втор тим, кој веќе приреди изненадување со елиминацијата на Вардар.
Амбициозниот Атлетик, кој сезонава игра одлично, по елиминацијата на Астибо ќе има нов тежок предизвик – натпревар против суперлигашот Спартак. Овој дуел носи историска шанса, бидејќи победникот ќе избори пласман на Ф4 турнирот.
Во останатите средби, Чаир како апсолутен фаворит ќе се сретне со Овче Поле, додека Куманово ќе ги одмери силите со Пелистер, каде улогата на фаворит ја има искусниот состав од Куманово.
Четвртфиналните натпревари ќе се одиграат на 25 и 26 март, а победниците ќе обезбедат место на завршницата од Купот, каде ќе се решава битката за трофејот.