Ракометната федерација на Македонија продолжува со развојот на младинските категории, откако на последната седница на Управниот одбор беше донесена одлука за формирање на две нови машки репрезентации – до 13 и до 15 години.
Целта на овој потег е рана селекција и системска работа со младите таленти, кои во иднина треба да бидат носители на сениорската репрезентација. За селектор на селекцијата до 15 години е назначен Никола Матлиески, додека најмладата репрезентација до 13 години ќе ја предводи поранешниот репрезентативец и ракометна легенда Филип Миркуловски.
Покрај оваа значајна одлука, РФМ најави и инфраструктурни промени. Федерацијата ќе се пресели во нови канцеларии кои ќе бидат сместени во рамките на спортскиот центар „Јане Сандански“, со план преселбата да се реализира до јуни.
Воедно, постојните простории ќе бидат реконструирани и пренаменети во сместувачки капацитети, кои ќе им служат на националните селекции, особено на младите категории. Овој проект има за цел да обезбеди подобри услови за работа и престој, како и долгорочен развој на македонскиот ракомет во наредните години.