Екипата на Тиквеш стигна до сигурна победа над Бутел Скопје со резултат 25-20 во натпреварот од второто коло од суперлигашкиот плеј-оф.
Кавадарчани ја поставија основата за триумфот уште во првиот дел. По триесет минути игра имаа убедлива предност од 16-10, што најави дека бодовите тешко ќе заминат од Кавадарци.
Натпреварот беше обележан и со два црвени картони во раната фаза. Веќе по пет минути игра Бутел Скопје остана без еден од своите клучни дефанзивци, Теодор Тодески, кој беше исклучен по остар старт. Набргу потоа и домашниот состав остана без Димитар Коцев, кој заработи црвен картон по дуел со Јаневски.
И покрај тоа, Тиквеш продолжи да го контролира ритамот на натпреварот. На почетокот на второто полувреме избраниците на Грчевски ја зголемија предноста и на девет гола разлика (20-11), со што практично ја решија дилемата околу победникот.
Во продолжението двата тренери им дадоа шанса на повеќе ракометари од составите, но резултатската предност на домашниот тим не беше загрозена.
Најефикасни кај Тиквеш беа Мијушковиќ со седум погодоци, како и Коцев и Димовски кои постигнаа по пет гола, додека голманот Печурица имаше 14 успешни интервенции. Кај Бутел Скопје, Шилегов беше најефикасен со четири погодоци.
Во следната рунда по репрезентативната пауза, Тиквеш ќе гостува кај Алкалоид во Автокоманда, додека Бутел Скопје го очекува дуел со шампионот Еурофарм Пелистер.