Во недела македонската ракометна сцена ќе биде свртена кон Битола, каде што Еурофарм Пелистер ќе го пречека Вардар во големото дерби од второто коло во плеј-офот од Супер Лигата.
Овој дуел има големо значење за актуелниот шампион. Доколку Пелистер успее да стигне до победа, битолчани повторно ќе се вратат во трката за шампионската титула и ќе ја намалат бодовната разлика во однос на директниот ривал, која во моментов изнесува четири бода.
Интересот за дербито е огромен, што значи дека салата „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета до последното место.
Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар е закажан за недела со почеток во 19:00 часот, а натпреварот ќе го судат Исмаил Металари и Ненад Николовски.