Кошаркарките на Крива Паланка остварија важна победа на гостувањето кај Баскет Кам (64:57) во дерби натпреварот од втората „Оролоџо“ фаза во женската кошаркарска лига. Со овој триумф, тимот од Крива Паланка се израмни со ривалот на првото место на табелата, откако двете екипи сега имаат ист скор од 13 победи и 3 порази.
Домашниот состав од Македонска Каменица имаше одличен старт и рано создаде висока предност од 18 поени. Сепак, гостинките постепено го намалуваа заостанувањето и успеаја да се вратат во игра уште пред полувремето.
Во второто полувреме Крива Паланка ја презеде контролата, а во завршницата целосно го сврте резултатот во своја корист. Робинсон беше најефикасна со 24 поени и седум скока, додека значаен придонес дадоа и Алексовска и Груевска со по 11 поени.
Во редовите на Баскет Кам, Димова беше најрасположена со 19 поени, додека Поп Димитровска и Максимовска додадоа по 11.
Во останатите натпревари од колото, Бадел 1862 убедливо славеше на гостувањето кај Патриот во Делчево со резултат од 69:94, додека Вардар сигурно ја совлада екипата на МЗТ Бела Вода со резултат од 59:80. Пробаскет, пак, во неизвесен натпревар беше подобар од Спорт Тим со 75:79.