Во малата сала на СРЦ „25 Мај“ во Радовиш успешно се одржа семинарот со кој и официјално беа поставени контурите на бразилското џиу-џицу (BJJ) во градот и започна со работа новиот клуб под капата на Team Carvalho.
Главното име на настанот, Bruno Carvalho, бразилски тренер, црн појас 5-ти степен и поранешен ММА борец, кој го пренесе своето богато знаење и искуство на присутните.
Роден во Салвадор, Бахија, Карваљо доаѓа од семејство со традиција во боречките вештини, а во Радовиш одржа и теоретски и практичен дел од семинарот.

Големиот број тренери и натпреварувачи од Македонија кои учествуваа на семинарот го потврдија сериозниот интерес за развој на овој спорт. Атмосферата беше работна и мотивирачка, со интензивни тренинзи и размена на искуства.

Важна улога во реализацијата на проектот имаше и Стојан Арангелов, црн појас и тренер на тимот во Патерсон, Њу Џерси, кој е иницијатор за доаѓањето на клубот во Македонија. Заедно со Методија Зајков, кој ќе биде дел од тренерскиот тим во Радовиш, а има лилјаков појас, официјално беше означен почетокот на работата на клубот.

Со најмладите категории ќе работи и младиот и голем талент Изабела Зајков – која доби син појас на самиот настан што беше поздравена од сите присутни, што дополнително дава перспектива за иднината.
Со овој семинар, Радовиш направи значаен чекор кон позиционирање на мапата на боречките спортови во Македонија, а новоформираниот клуб веќе ги започна редовните тренинзи и подготовките за настап на меѓународни турнири.

Клубот во Радовиш располага со сопствена сала што е голема предност за редовните тренинзи и потврда за сериозноста на овој проект, а во следните денови и официјално ќе биде познат и распоредот за тренинзи.

