Второлигашот Вардар Неготино го очекува „жешка“ пролет во обидот да обезбеди опстанок во Втората лига. Најреалната шанса за спас сезонава е пласман во баражот, преку кој ќе се бара место во второлигашкото друштво и следната сезона.
Во пролетниот дел од шампионатот тимот од Неготино ќе го предводи Борче Боев, професор по спорт со УЕФА А лиценца. За остварување на целта, клубот се засили со неколку млади и талентирани фудбалери, а како што истакнува стратегот, костурот на тимот е задржан.
„Вардар Неготино нема така лесно да се откаже од битката за бараж натпревар. Тимот од 20 јануари ги почна подготовките на „Цвај Арена“. Тимот има неколку засилување – Раде Рајчиновски кој доаѓа од Тиквеш, Аган Алиу од Новаци, Дарио Методиевски од Осогово, Блаже Цветков од Тиквеш, Константино Ѓоргиевски од Скопје, Мохамед Ахмети од прилепска Победа и Виктор Перчинков од Борец. Костурот на екипа е во голем дел од минатата сезона, играчите максимално одговорно ги извршуваа тренинг активности и покрај временските неуслови на „Цвај Арена“. Управниот Одбор на Вардар заедно со претседателот Пане Ристов прават натчовечки напори за подобри инфраструктурни услови на теренот се со цел подобрување на тревната површина и подобри услови за тренинг и натпревари за играчите, како и дополнителни напори во обезбедувањето на финансиски средства за нормално функционирање на клубот. Се надеваме дека општина Неготино на чело со градоначалничката и советот ќе обезбедат доволно финансиски средства, а особено ги повикуваме сите општествено одговорни и приватни компании да се вклучат во поддршката на Вардар затоа што сега му е најпотребно“, изјави Боев ексклузивно за Спортска Мрежа.

Дополнително, новиот предводник на второлигашот од Неготино потенцира дека му е неопходна силна поддршка од верните „Винари“ за да се реализира поставената цел – опстанок во Втората лига.
„Особено сите вљубеници на фудбалот од Неготино ни се потребни за повеќе присуство на „Цвај Арена“, а посебно навивачката група „Винари“ која ќе бидат нашиот 12-ти играч на секој натпревар во борбата за обезбедување бараж натпревар. Тие во моментот се повеќе од потребни и во победа и порази, голема благодарност и до Спортска Мрежа и нивната редакција кои го популизираат спортот во Македонија“, дополни Боев во ексклузивна изјава за Спортска Мрежа.
Вардар Неготино презими на 12. место на табелата со 12 бодови, пет помалку од бараж-зоната, каде што се наоѓаат Тетекс и Каменица Саса, кои со по 17 бодови го делат десеттото место.

Пролетниот дел тимот го отвора со тешко гостување во Тетово против Тетекс – директен дуел на два конкуренти во трката за обезбедување бараж и спас на сезоната.
