Вардар со висока победа во Штип го отвори пролетниот дел во Супер лигата откако славеше со 31:43 над Астибо во рамки на 14. коло.
Натпреварот понуди возбудливо и израмнето прво полувреме, со игра гол за гол и менување на водството. Астибо со голот на Анчева го отвори резултатот во „Тошо Арсов“, потоа Вардар дојде до водство од 2:4.
Во 18. минута од натпреварот Астибо дојде до предност од еден гол 11:10, а имаше и водство и при 14:13 во 25. минута од мечот. Од 15:15 „вардарки“ влегоа во серија од три погодоци за 15:18, а во самиот финиш Астибо постигна гол за 16:18 на пауза.
Во вториот дел Вардар започна да гради сериозна резултатска разлика и да го решава мечот што порано. Имаше серија на погодоци со која Вардар резултатски побегна, а Астибо немаше сили да парира и го загуби мечот со високи 31:43.
Марија Анчева стандардно беше најдобар стрелец кај Астибо со 12 погодоци, а од линијата за седум метри реализираше два погодоци од три обиди. Кај Вардар прво име беше Ања Лашкоски со осум погодоци, а ја следеше Јасмина Попова со седум реализации.
Во следното коло Астибо ќе има клучен меч со Спартак на домашен терен, кој доколку го добие ќе биде сигурен во битката за опстанок, а на Вардар му следува меч со Металург Автокоманда.