Еурофарм Пелистер 2 запиша убедлива гостинска победа над Радовиш (37-26) во рамки на 21. коло од машката ракометна Суперлига и ги задржа шансите за пласман во плеј-оф фазата.
Битолскиот состав, предводен од млади и перспективни ракометари, ја оправда фаворитската улога против последнопласираниот тим на табелата. Радовиш останува без освоен бод по 21 одигран натпревар, со што ситуацијата во борбата за опстанок станува сè потешка.
Домаќините парираа нешто повеќе од дваесет минути, но по резултатот 11-14 следуваше серија на гостите со која ја презедоа целосната контрола. Предноста до паузата порасна на осум разлика (21-13), а во второто полувреме Пелистер 2 брзо стигна и до двоцифрена предност (27-17), со што рутински го приведе натпреварот кон крај.
Најефикасен во редовите на победникот беше Петар Маркоски со десет погодоци, додека Мохамед Азиз и Христијан Митревски постигнаа по шест, а Ненад Белистојаноски додаде пет гола. Кај радовишани се истакнаа Славе Јанковски со седум и Васе Петров со шест реализации.
Со новите бодови, Еурофарм Пелистер 2 останува во конкуренција за место меѓу најдобрите шест екипи, а разврската околу плеј-офот ќе биде позната по последното коло од регуларниот дел.